Корубин: Дали ние како С. Македонија се потсетуваме на жртвите од Холокаустот или судиме за историски настани?

од Nikola Popovski

Тоа е погрешна перспектива на одбележувањето на настан од ваков ранг и ваков интензитет; дали ние како Северна Македонија се потсетуваме на жртвите од Холокаустот или судиме за историски настани, вели во разговор за „Локално“ поранешната пратеничка од ЛДП, Никица Корубин коментирајќи за последната изјава на претседателот Стево Пендаровски кој побара извинување од Софија за депортацијата на македонските Евреи од страна на тогашната профашистичка бугарска влада.

Таа додава дека „ако е ова првото, тогаш го злоупотребуваме овој спомен за популистички и тенденциозно-опортуни наративи, а ако е второто, тогаш да ја освежиме меморијата за овие трагични настани целосно, за да видиме што навистина се случувало локално кај нас, надвор од дозволената историја“.

-Односот кон историски настани, особено кога станува збор за трагедија без преседан, како што е Холокаустот, не смее да биде повод за популизам, таргетиран говор и (зло)употреба на наративот, особено не од страна на високи политички функции. Повторно се враќаме на првото прашање, дали и овој настан е само (зло)употребен да ја демонстрираме нашата „историска супериорност“ над Бугарија, а всушност да ги држиме односите замрзнати, свесно и смислено, смета Корубин.

Во однос на тоа дали треба ли некакво усогласување во ставовите и пораките на главните политички чинители во земјата, барем за важните стратешки цели, поранешната пратеничка оценува дека не мора изјавите да бидат усогласени во смисла на идентичност, туку во смисла на пристојност.

-И не станува збор само за евроинтеграциите, туку генерално за сликата на државата и за нејзиниот углед. Ако продолжиме да „живееме во свој свет“ кој по секоја цена сакаме да го контролираме, тогаш ние се само-изолираме. Овој реактивен, ретрограден и национал-популистички речник, кој се’ почесто се употребува, кој кокетира со наративи од друго време; е во спротивност со реалноста, која бара сосема поинаков ангажман во секоја смисла, нагласува Корубин.

Според неа, „се добива впечаток, дека едвај чекаме повод за да се конфронтирме со Бугарија, особено во одбрана на нашата наследена историја, која и не е наша во автентично македонска смисла, како современа држава Северна Македонија“.

-Дали е тоа страв од неминовното отварање на државата при процесот на преговори со ЕУ, во која ќе се види целата бесмисленост на овој наратив што така упорно се брани. За да нешто се сопре, треба прво да ја констатираме состојбата, а тоа е кој ја “искривува историјата”? Интервенцијата треба да дојде од нас самите, од свеста на општеството, од квалитетот на научните институции, од пристапноста и достапноста до нив и во нив, на најдобрите, а не подобните и блиските, заклучува Корубин.

Н.П.

Слични содржини