Косово прогласи двајца руски дипломати за персона нон грата

од Nikola Popovski

Приштина прогласи за персона нон грата двајца службеници од Канцеларијата за врски на Руската Федерација во Косово.

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, вели дека двајца функционери на косовското претставништво на Амбасадата на Руската Федерација во Србија се прогласени за персона нон грата бидејќи, како што наведе, со нивните штетни активности „ја нарушиле националната безбедност и уставниот ред на Република Косово“.

Османи на Фејсбук напиша дека тоа е нејзино барање до министерката за надворешни работи, Доника Гервали, која, како што вели, денеска донела одлука да прогласи двајца функционери за непожелни лица.

Таа додаде дека во исто време косовското Министерство за надворешни работи ги информирало институциите за спроведување на законот и надлежните органи за спроведувањето на таа одлука.

„Институциите на Република Косово се решени да се борат против малигното влијание на Руската Федерација и нивните сателити во регионот, кои работат на уништување на нашите достигнувања и достигнувањата на САД, НАТО и ЕУ. Од таа причина, ќе продолжиме тесно да соработуваме со нашите американски и европски сојузници за да спречиме Косово и нашиот регион да станат плен на дестабилизирачките амбиции на Руската Федерација. Ги уверувам граѓаните дека институциите на Република Косово нема да се двоумат да дејствуваат секогаш кога ќе има нарушување на безбедноста и уставниот поредок во државата“, напиша Османи.

Слични содржини