Косовска полиција: Состојбата на северот на Косово е мирна

од desk2

Состојбата во северниот дел на Косово, населен со мнозинско српско население, и покрај напнатата атмосфера која владее деновиве во пресрет на денешното гласање во Собранието за формирање војска на Косово, утрово е мирна и не се забележани никакви проблеми, јави дописникот на МИА од Приштина.


Портпаролот на Полицијата на Косово за северниот регион, Бесим Хоти, за порталот „Газета Експрес“ изјави дека полицијата си ги извршува своите редовни задачи и не очекува некакви проблеми.

– Добро е и мирно, нема никакви проблеми. Ситуацијата е мирна. Не очекуваме да се случи нешто несакано. Полицијата си ги извршува своите задачи, изјави Хоти.
Утрово северниот дел на поделениот косовски град Митровица, населен со мнозинско српско население, осамна покриен со српски знамиња, како одговор на славеничката атмосфера кај косовските Албанци пред денешното изгласување на војската нна Косово.

Собраниската седница, на која ќе се гласа за законите со кои сегашните Безбедносни сили (ФСК) практично се трансформираат во Војска на Косово, е закажана за во 10 часот, а најавени се и неколку манифестации за прослава на тој чин.

Во меѓу време, Танјуг јави дека на мостот на реката Ибар, што ја дели Митровица на српски и албански дел, се распоредени повеќе возила на Меѓународните сили во Косово (КФОР), како и припадници на косовската полиција.

Слични содржини