Косовски аналитичари за „Локално“: Барикадите се познат ритуал со кој Србите ги саботираат развојните процеси на Косово

од Nikola Popovski

На северот од Косово денеска се отстранети барикадите од сите патишта, иако премините Јариње и Брњак се уште се затворени. Србите ги поставија барикадите вчера пред почетокот на спроведувањето на одлуките на Приштина за регистарските таблички и личните документи. По притисокот на меѓународната заедница, Владата на Косово синоќа се согласи спроведувањето на тие мерки да се одложи за 30 дена. Косовскиот премиер Албин Курти утринава изјави дека мерките за реципроцитет ќе престанат да се применуваат штом се отстранат сите барикади.

„Локално“ контактираше со аналитичари од Косово за тензичната ситуација, а таму преовладува мислење дека некој се обидува да создаде криза во најчувствителната област. Според косовскиот аналитичар Фадиљ Љепаја не е јасно дали тоа го креира официјална Србија, односно српскиот претседател Александар Вучиќ и тамошната влада или истото ѝ се случува и на Србија.

-Во секој случај, ако се работи за обид за делегитимирање на реципроцитетот во односите меѓу Косово и Србија, тогаш изјавата на американските претставници јасно покажува дека не успеале. Имено, американскиот амбасадор во Косово побара од владата на Косово да го продолжи спроведувањето на одлуката за реципроцитет со патни исправи и таблички за 30 дена, со јасна индикација дека САД не се против таа одлука. Секако, целата ситуација ги вознемири граѓаните на Косово, и Албанците и Србите, информира Љепаја.

Тој потенцира дека ескалацијата не е во интерес на ниту една страна, ниту на официјална Србија, ниту на Косово, но јасно е дека некој сака таков пресврт на настаните што ниту Србија, ниту Косово повеќе нема да можат да го контролираат.

-Изјавите на претставниците на КФОР дека се подготвени и решени да реагираат според нивната мисија на Косово, исто така ја комплетираат сликата за што всушност се работи. Ако официјална Србија направи грешка и дозволи неформални структури да им работат на глава, тогаш се плашам дека ова е увертира за нешто што ќе ја разоткрие суштината на неодржливата позиција на Србија како локална сила меѓу Истокот и Западот, бидејќи геополитичките концепти на Балканот се променија, т.е. ниту Истокот не е веќе каде што некогаш бил и каков бил, објаснува аналитичарот.

Според него, на некој начин може да се каже дека Вучиќ му се „случил“ на Петковиќ (директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија Петар Петковиќ – н.з.), кој час како да работи по наредба баш на него, а час тоа не е толку јасно.

-Ситуацијата ја усложнува фактот што не е ни јасно дали Петковиќ ги контролира овие групи. Во секој случај, со продолжување за 30 дена на спроведувањето на одлуката на владата на Косово, тоа е можност за укинување на барикадите, а тоа може да го направи само тој што наредил (побарал) нивно поставување, вели Љепаја.

За косовскиот аналитичар Леон Духанај, односот меѓу Косово и Србија е толку сложен што понекогаш изгледа тешко да се разбере. Тој во разговор за „Локално“, вели дека од една страна го имаме дијалогот во Брисел каде учествуваат двете страни, а од друга страна се прашања за кои се преговара со посредство на САД и делот за имплементација.

-За жал, во овој дел имаме постојани доцнења, каде што се јавуваат проблемите. Србија учествуваше на преговорите во Виена, каде страните се договорија за повеќето точки, но додека Косово го потпиша договорот, Србија не го стори тоа и продолжува да го имаме денеска. Србија не ги спроведува договорите и тврди дека Косово ги спроведува еднострано, раскажува Духанај.

Според него, темата за реципроцитет за регистарските таблички заврши.

-Србија со години ги малтретира граѓаните на Косово преку границите, но на Косово не почитува ниту едно правило. Веднаш по предупредувањето на премиерот Курти, дискурсот стана тензичен, што од страна на претседателот Вукиќ наликуваше на дискурс на војна. Како последица на ова, паралелните структури организирани од Србија се охрабруваат да ги блокираат патиштата. Ова е веќе со години познат ритуал, преку кој Србите ги саботираат демократските и развојните процеси на Косово. Претседателот на Србија постојано глуми во улога на конструктивист со слоганот „научете да бидете мирни, за да може Србија да ја планира иднината“, но тоа не е можно. Затоа што Србија, од една страна, ги изразува своите амбиции за евроинтеграции, а од друга страна, продолжува да се однесува како руски претставник во овој сегмент, дециден е аналитичарот.

Тој смета дека руското влијание во Србија е максимално и како такво не дозволува лесно отцепување и ориентација кон Запад.

-Русија има влијание и врз другите земји од Западен Балкан, а тоа влијание се манифестира на различни начини. Дестабилизацијата на регионот и одговара на Русија, бидејќи има за цел да ги разбие и прошири конфликтите и да го оддалечи фокусот од војната во Украина. Во овој контекст го гледам и континуираниот напор на српските сегменти да го дестабилизираат или Косово или другите земји, додава Духанај.

Косовскиот аналитичар укажува дека Србија бара имплементација на договорот за Заедницата на српски општини (ЗСО) но не го сака „наследникот“, каде статутот на оваа заедница мора да биде во склад со Уставот на Косово.

-Косово нема проблем со формирањето на ЗСО, но и Заедницата и сите други точки мора да бидат интегрирани во сеопфатен договор. Не можеме да имаме делумен договор според хировите и желбите на Србија. Или за се се согласуваме, или за ништо. Згора на сето ова, имаме и еден вид пракса во владите од регионот, дека во одредени моменти знаат да продуцираат вештачки кризи, за интереси на внатрешната политика. Тоа не значи дека оваа криза е таква, особено со оглед на големиот интерес на Русија за разгорување на какво било кризно огниште. Тоа беше забележано и за време на оваа криза, каде што руските реакции беа речиси однапред подготвени, бидејќи беа исто толку брзи како оние на страните во конфликтот, вели Духанај.

САД треба да заземат клучна, организациона и гарантна улога, за работите да се движат напред, порачува Духанај како решение на проблемот на Косово.

-Европа честопати не е во хармонија ниту со основните идеи за темите и со оглед на тоа што има земји кои не ја признаваат независноста на Косово каде клучните претставници во дијалогот доаѓаат од такви земји, кои се сомневам дека сериозно ја сфаќаат работата и дека процесот станува комплициран и долготраен. Косово, Србија, но и целиот регион и нивните граѓани имаат право на достоинствен живот, кој во последните децении значително е загрозен, заклучува косовскиот аналитичар.

Н.П.

Слични содржини