Костадинов: Нема простор за комоции и лични хирови, секој од нас има задача доверена од грѓаните

од Берта Китинска

Се соочуваме со голема енергетска, здравствена и економска криза. Владата веќе донесе неколку анти кризни мерки со цел да им помогне директно на граѓаните и стопанството, како најпогодени од кризата. Ние како локални самоуправи бараме од Владата партнерски да пристапиме на проблемот и да донесеме решенија кои ќе бидат од полза на целото општество. Сигурен сум дека со дијалог и соработка, можеме да се справиме со секој предизвик, вели во разговор за „Локално“, градоначалникот на Валандово и потпретседател на ЗЕЛС, Перо Костадинов, додавајќи дека се уште нема информација,за тоа кога ќе се одржи состанокот помеѓу Управниот одбор на Заедницата на единиците на локалната самоуправа и Владата.

Костадинов вели дека општините се соочуваат со повисоки сметки за јавно осветлување електричната енергија која ја користи ЈП „Комунален сервис“ за водоснабдување, како и за горива кои се користат за тековното работење.

-Се надевам дека за краток период ќе се стабилизира пазарот за електрична енергија и останатите енергенси и ќе можеме да ги насочиме сите расположливи ресурси на решавање на останатите проблеми на граѓаните, појаснува тој.

Градоначалникот на Валандово вели дека неговата општина за да се справи со кризата донела десетгодишна стратегија за енергетска ефикасност со која ги имаат детектирано најголемите потрошувачи на енергија во општината.

-Најголема потрошувачка на електрична енергија беше утврдена кај јавното осветлување, кое веќе го заменивме со енергетски ефикасно и ја намаливме потрошувачката на енергија за повеќе од 50%. Исто така, имплементиравме проекти за енергетска ефикасност во централната детска градинка, детската градинка во Брајковци и неколку подрачни училишта. Во моментов, во тек е реализацијата на проект за енергетска ефикасност на општинската зграда, домот на култура и училиштето во Јосифово. Како локална самоуправа, се до претходниот месец имавме важечки договор за снабдување со електрична енергија по цена од 6,74 денари за KWh и не се соочивме со проблем. Додека од овој месец имаме нов важечки договор со просечна цена на електрична енергија на пазарот на берзата плус 14,5 маржа и очекуваме зголемени сметки за електрична енергија, појаснува тој.

Службено возило и мобилен телефон користам за професионални обврски

Во врска со Владината одлука за рационализација на трошоците на општините и институциите, Костадинов вели дека неговата општина и досега се однесувала максимално рационално и домаќински кон јавните средства.

-Во моментот, се имплементираат само започнатите и проектите кои се неопходни за граѓаните, додека останатите ќе бидат реализирани веднаш по нормализирање на состојбите. Кризните периоди бараат одговорност од сите чинители. Секој од нас е должен да се однесува согласно приоритетите и да направи се што е можно за да се справи со оваа криза. Овој е проблем на цело општество, но системот е доволно способен да се справи со истиот и сигурен сум дека ќе успееме, вели тој.

Градоначалникот на Валандово вели дека во ова време на криза нема простор за комоции и лични хирови.

Користам мобилен телефон и возило исклучиво во рамки на тековното работење и професионалните обврски. Како општина ги имаме неколкукратно намалено и трошењата од овој вид. Не исплаќаме дневници повеќе од четири години и сите средства се користат исклучиво наменски за тековното функционирање на институцијата. Нема простор за комоции и лични хирови, секој од нас има задача доверена од грѓаните и тоа треба да ни е врвна цел на сите, подвлекува Костадинов.

Б.М.

Слични содржини