Костадинов: ВМРО-ДПМНЕ да прекинат со политиканство, името им пречи дома, а не и во странство

од Aleksandar Todeski

На Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ им пречи уставното име Р. Северна Македонија кога треба да станеме 30 членка на НАТО, но не и во ЕПП, обвини на прес конференција пратеникот од СДСМ, Костадин Костадинов.

„Им пречи дома името Северна Македонија, но не и при средби во странство. Им пречи кога треба да го гласаат Законот за одбрана, а не и кога треба да земат плата од Собранието на Република Северна Македонија. Не им пречи уставното име Република Северна Македонија кога си ја финансираат партијата од буџетот на државата. Ова е врв на лицемерните и деструктивни политики на ВМРО-ДПМНЕ. Треба јасно да кажат пред граѓаните, кој е нивниот конечен став“, рече Костадинов.

Тој ги повика пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да прекинат да го блокираат Законот за одбрана и кажа дека казната ќе им дојде од граѓаните, кои според него ќе се определат за СДСМ и членство на државата во ЕУ и НАТО.

„Го блокираат Законот со што нанесуваат штета за членството во НАТО, само зошто им пречело името, а кога се потпишуваат на декларацијата за правата на лицата со попреченост, каде јасно се гледа дека еден од подносителите под името РСМ е потпишан координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, тие потоа ја поддржуваат истата таа декларација. Ги повикувам да престанат со ситното политиканство и да го поддржат Законот за одбрана затоа што тој е важен за членството во НАТО и уште поважен за припадниците на армијата. Тие докажуваат и потврдуваат дека се против интеграцијата во ЕУ и НАТО и единствено работат за заштита на криминалот и криминалците во нивните редови“, истакна Костадинов.

А.Т.

Слични содржини