Костовски: Градоначалникот на Куманово почна да се одмаздува

од Nikola Popovski

Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски се одмаздува кон своите политички неистомисленици, обвини пратеникот од СДСМ, Мартин Костовски.

Според него, над 20 вработени лица во Општина Куманово овие денови се распределени на пониски позиции или се преместени да работат на други локации.

-Причината за преместувањата и деградирањата е само тоа што овие луѓе се истакнати активисти и членови на СДСМ.

Со ваквите постапки се покажа недемократското и неодговорно лице на Максим Димитриевски кој решил заради лични каприци, да се пресметува и казнува луѓе кои со години и децении работат во општината.

Јасно ни е дека Димитриевски ќе продолжи со притисоците, но и нему треба да му биде јасно дека со ваквиот однос нема да исплаши никого, вели Костовски.

Во име на СДСМ, тој апелираше до секој кој е под притисок на Димитриевски, истото да го пријави, и рече дека партијата ќе стори се’ за да го заштити секој поединец кој се соочува со закани, со притисоци и уцени од страна на градоначалникот.

Слични содржини