Коцарев: На добар пат сме да ја сузбиеме и намалиме епидемијата

од Vladimir Zorba

Претседателот на МАНУ, проф. д-р Љупчо Коцарев во текст објавен на „Факултети“ пишува за моделот кој е направен за ширењето на Ковид-19 во нашата земја.

„Во МАНУ повеќе од 10 години се изучуваат различни епидемиолошки модели. Во изминатиот месец, заедно со м-р Петар Јовановски, се работеше, меѓу другите модели, и на моделите предложени од Империјал колеџот во Лондон и Универзитетот „Оксфорд“. Во првата класа на модели, именувани како Bayesian хиерархиски модели, се користат методи од статистика и машинско учење, додека втората група на модели, познати под името обопштени SIR (Susceptible-Infected-Recovered) модели, се базираат на теоријата на динамички системи. На друго место подетално ќе бидат опишани моделите, тука сосема накусо ќе се задржиме на дел од резултатите.

Првичните резултати од SIR моделот се покажани на слика 1. Во моделот се внесени податоци до 8 април 2020 година и за 9 април моделот предвидува вкупно 669 заразени, додека според реалните податоци тој број изнесува 663. Според моделот, максималниот број на инфицирани се очекува да се случи во почеток на мај и тој број е околу 1100 инфицирани. Репродукцискиот број за Македонија, пресметан со моделот, изнесува 1,1. Уште еднаш би сакал да потенцирам дека ова се прелиминарни резултати и се однесуваат само на еден модел. Прелиминарните резултати на овој и другите модели, несомнено, укажуваат дека сме на добар пат во сузбивањето и намалувањето на епидемијата во нашата држава“, пишува Коцарев.

Слични содржини