Коциќ: Започна теренска вакцинација, сите граѓани да се вакцинираат

од Берта Китинска

Процесот на масовна вакцинација тече непречено и без проблеми, со доволно обезбедени дози на вакцини, истакна на денешната прес конференција пратеникот од СДСМ, Ненад Коциќ.

„Од денеска секој граѓанин, без разлика дали има закажан термин или не, може да се вакцинира во некој од здравствените домови. Истовремено, започна и процесот на теренска вакцинација во руралните средини. Од денеска жителите на руралните населени места ќе бидат посетувани од мобилни здравствени екипи кои ќе вршат имунизација на населението“, истакна тој.

Процесот за теренска вакцинација, информира Коциќ е организиран во соработка со здравствените домови од секој град, локалната самоуправа и месните заедници, а заинтересираноста на граѓаните во првиот ден од теренската вакцинација е исклучително голема.

Тој информираше дека од почетокот на вакцинацијата па се до 9 јули, вкупно се аплицирани 662.372 дози вакцини, а ревакцинирани се 245.231 граѓани.

„53% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, а 50 % од населението над 65 години имаат примено барем една доза вакцина. Епидемилошката состојба е мирна, имаме доволно вакцини, односно создадени се идеални услови да се вакцинираат што поголем број на граѓани. Сите вакцини се безбедни и овозможуваат заштита од последиците од коронавирусот“, истакна пратеникот на СДСМ.

Апелираше до сите граѓани кои не се вакцинирани, тоа да го направат што поскоро, само на тој начин ќе го заштитиме своето и јавното здравје и ќе ставиме конечен крај на пандемијата со коронавирус, рече тој.

Слични содржини