Ковачев: Нема никаква потреба Делчев да биде бранет, тој е на Македонија и никој не сака да и го земе

од Nikola Popovski

Европатеникот Андреј Ковачев за емисијата „Еврофокус“ изјавил дека Македонија и Бугарија треба да одат заедно кон европскиот пат, но прво треба да се расчисти со комунистичкото минато и да се исправат грешките во историјата, кои настанале во времето на Тито.

„За жал имаше забавување и особено што комисиите не работеа од ноември и тоа е голем проблем. Позицијата на Бугарија не била променета. Ние секогаш ја поддржуваме и ќе ја поддржуваме вашата земја“, вели Ковачев.

Тој рече дека ја почитува современата реалност и Бугарија не ја блокира нашата држава на патот кон ЕУ. Треба, наведем да се исправи историјата од времето на Тито и комунистичката диктатура за двете држави да одат заедно по европскиот пат.

„Бугарија не сака ништо да земе од Македонија, напротив сакаме во Македонија да се развие просперитет, сигурност, стабилност и да бидеме заедно во ЕУ. Да си помагаме како најблиски народи затоа што нашите претци не се поделиле, нашите претци ја немале таа омраза која беше всадена од комунизмот, југоносталгија. Знаете, целата плејада од фалсификување која ја нанесе тој ужасен криминален режим на бугарските комунисти и во Југославија. Пред тоа, српската окупација, да не се враќаме низ историјата. Но, историјата треба да биде прочистена за да можеме во сегашноста и во иднината повторно да бидеме најблиски и да си помагаме“, вели Ковачев.

Според него, не може да има спор за современите реалности. Никој, наведе, не може да го оспорува личното чувство на секој еден човек да биде таков како што сака да биде.

„Тоа го почитуваме и нема начин како некој да не ја почитува личната самоидентификација на секој еден човек. Така што тука не може да има спор за современите реалности. Ние зборуваме за фалсификатот од минатото, тоа треба да го расчистиме за да може Македонија да влезе во ЕУ без омразата. Без тие срамни работи кои ги направи една партија во Македонија за да освои некој процент плус да го брани Гоце Делчев од не знам што. Тој нема никаква потреба да биде бранет, тој е на Македонија. Никој не сака да и го земе. Тој е и на Бугарија. Затоа што тогаш не се делеле. Едноставно, во Кукуш кој бил со мнозинско бугарско население, роден во бугарско семејство, мајка и татко Бугари, запишан е во бугарска црва, бил во бугарското училиште во Кукуш, после во бугарското училиште во Солун, после учел на бугарската воена академија во Солун, така што станал учител по бугарски јазик во бугарското училиште во Штип. Не може да има апсолутно никаква друга интерпретација за историската личност, не зборуваме за митологијата“, потенцира Ковачев.

Слични содржини