Ковачев: Пендаровски се покажа како достоен конкурент на Апасиев и Мицкоски во натпреварот наречен „бугарофобија“

од Vladimir Zorba

Претседателот Пендаровски по којзнае кој пат се покажува како достоен конкурент на опозициските лидери Мицкоски и Апасиев на најпопуларниот натпревар во Скопје наречен „бугарофобија“. Очигледно за него немаат никакво значење европските вредности, пријателството, добрососедството и обврските, вели бугарскиот европратеник Андреј Ковачев.

„Токму на денешен ден, на Илинден, од српскиот манастир „Прохор Пчински“ во Србија, Пендаровски реши повторно да проговори за бугарската окупација, за профашистичката власт во Софија, за Ваташа, за депортацијата на Евреите. Главното за Пендаровски е да не преговара со никого (алудирајќи на Бугарија) за „обновување на империјалистичките концепти од минатите векови“. Додавајќи дека „историската вистина“ – како што тој ја разбира, наследена од времето на Титова Југославија и исполнета со фалсификати и омраза против Бугарите, нема да биде сменета со „никаков протокол и без договор“, тој јасно ни кажува да си ја гледаме работата“, пишува европратеникот.

„И ние ќе си ја гледаме, а таквите еклатантни примери на несовесно газење на договорот со протоколите кон него и преговарачката рамка нема да останат без последици за РСМ. Пендаровски ги следи стапките на Путин и Вучиќ со аргументите „фашизам“ и „нацизам“, додава тој.

Претседателот Стево Пендаровски во својот говор истакна дека е свесен дека кај македонските граѓани постои страв дека на патот кон ЕУ ќе биде цензурирано нашето историско паметење, но уверува дека историската вистина за бугарската фашистичка окупација нема да биде замолчена, како што кажа, ни со договор, ни со протокол.

Вчера Пендаровски постхумно ја одликуваше партизанката Невена Георгиева-Дуња со Орден за воени заслуги, а еден од најзначајните македонски политичари во поранешна Југославија, Крсте Црвенковски, со Орден на Република Северна Македонија. Пендаровски напладне ќе предводи делегација во српскиот манастир „Прохор Пчињски“, како дел од одбележувањето на 2 Август – Денот на републиката.

„Свесен сум дека кај дел од граѓаните постои страв дека на тој пат кон ЕУ ќе биде цензурирано нашето историско паметење. Дека наводно веќе нема да може да спомнуваме против кого се бореле нашите херои. Или дека ќе треба да ги затвориме очите пред фактите за депортацијата на македонските Евреи и масакрот на младинците во Ваташа. Дека ќе ги затвориме ушите и нема да ги чуеме сведоштвата на нашите последни живи борци од генерацијата која на своја кожа ја искусила окупацијата од периодот 1941-1944, спроведувана од профашистичката влада во Софија. Историската вистина не може да се замолкне ни со договор, ни со протокол. Со историската вистина нема компромис, говорењето на историските факти никогаш не било, ниту може да биде говор на омраза. Затоа ќе продолжиме да ја зборуваме вистината и само вистината“, кажа претседателот Пендаровски.

Слични содржини