Ковачевски: Барав поддршка за европскиот фронт, не за мене и СДСМ, туку за државата и граѓаните

од Stefanija Kuzmanovska

„Во изминатиот период иницирав разговори за проширување на Европскиот Фронт, со сите политички партии. Не да дадат ми поддршка за мене, не за СДСМ, туку на државата и граѓаните! Тоа беше и сеуште е, до крај, мојот единствен мотив. Понудив задржување и проширување на парламентарното мнозинство заради тие политики и заради ништо друго“ рече премиерот Димитар Ковачевски во неговиот говор во Собранието.

Тој рече дека за него политиката не е математика и збир на позиции, фунцкии и собирање, одземање, множење и делење, туку е одговорност, вредности, принципи и обврски.

„Граѓаните и државата не можат без стабилност, извесност, функционалност, ред и поредок, правец и јасна сегашност и иднина. Јас не смеам да дозволам да направиме ситуација во која граѓаните ќе се будат и живеат дневно во неизвесност, грч и размислувања, дали ќе не биде или не, дали ќе има плати и пензии, струја и храна и дали ќе се движиме кон неред и хаос. Ни на крај памет не ми паѓа да дозволувам таква ситуација! А верувајте ми, таква држава сакаат многу! И од внатре и од надвор! Има луѓе и структури, кои сакаат хаос, затоа што така најлесно функционираат! Научени да крадат, да не работат, да ловат во матно и потоа да бегаат надвор, со пари на странски сметки, со фамилии во странство“ рече Ковачевски.

Премиерот рече дека ВМРО-ДПМНЕ и нивните инструктори од Левица го прават токму тоа, блокираат закони и ставаат кочници на сите страни.

„Понудив соработка за овој прогрес и до македонската опозиција, за национално и државно обединување, на конкретен начин, за побрз и посилен европски прогрес на државата! За заедничко и цврсто задржување и зајакнување на македонскиот национален, јазичен и културен идентитет насекаде! На начин, како што успеавме да го направиме вековниот македонски јазик и историски идентитет рамноправен со сите европски нации, така да продолжиме и понатаму! На тој начин го потпишавме и договорот ФРОНТЕКС за кој не гласавте вие денес“ рече Ковачевски.

Премиерот рече дека македонската опозиција продолжи да стои во деценискиот филм на криминал, борба за фотељи, евтин и опасен популизам и растурање на македонското ткиво.

Слични содржини