Ковачевски-Данци: Долгорочната соработка продолжува, голема поддршка од Швајцарија

од Nikola Popovski

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се сретна со Патрициа Данци, генерална директорка на Швајцарската агенција за развој и соработка, придружувана од Вероник Улман Марти, амбасадорка на Швајцарската Конфедерација, во нашата држава.

На состанокот е најавено дека продолжува големата поддршка од Швајцарија во развојот на Република Северна Македонија и силната и долгорочна соработка со нашата држава, којашто се реализира веќе речиси три децении.

Разговарано е за повеќе актуелни прашања, како што се последиците од војната во Украина, економската и политичката клима во државава, реализацијата на интеграциските перспективи.

Заеднички е констатирано дека решението за ситуацијата во Украина не е воена агресија, туку дијалог, како и дека случувањата во Украина рефлектираат економски и енергетски последици од светски карактер.

Премиерот Ковачевски се заблагодари за големата и важна поддршка што ја дава Швајцарија на Северна Македонија во суштински области за граѓаните и општеството, како што се животната средина, економијата, демократските процеси, политиките на еднаквост на сите граѓани.

Премиерот рече дека денеска Република Северна Македонија се развива како демократско општество и како едно општество за сите граѓани, пример во регионот за заедничко живеење и функционирање.

Премиерот Ковачевски соопшти дека Владата на Република Северна Македонија, како и Владите во Европа и светот, е насочена кон надминување на предизвиците од светската економска и енергетска криза предизвикани од војната во Украина и од пандемијата и дека за таа цел постои тесна соработка и со премиерите и Владите во регионот.

„Фокусирани сме, на дневно ниво и кон стратешки политики во заштитата на животниот стандард на граѓаните, на ранливите категории граѓани, на ликвидноста на компаниите. Имаме историско покачување на минималната плата и покачување на пензиите, коешто годинава исто така ќе биде на историски највисоко ниво. Работиме на обезбедување на алтернативните извори на енергија и на обезбедување храна, преку антикризни мерки на спречување ценовни шокови, со коишто се соочува целиот свет. Предизвик и одговорност е да се води државата сега и затоа нема оправдување за несериозно однесување, како што се блокадите од несериозен политички субјект во Парламентот, што ги прави веќе 20-тина месеци, или предлозите за предвремени избори, коишто се од популистички карактер, а на штета на граѓаните и државата“, рече премиерот Ковачевски.

Претседателот на Владата, Ковачевски, во однос на евроинтеграцискиот исчекор, соопшти дека нашата држава го има направено потребното, практикува и почитува европски вредности и е поставена принципиелно во развојот на добрососедските односи, со цел достоинствени решенија на отворените прашања.

На средбата е изразена заедничка определба за натамошна соработка помеѓу Северна Македонија и Швајцарската агенција за развој и соработка.

Слични содржини