Ковачевски: Дебатата во СОбранието е можност за граѓаните да видат кој е за европска Македонија

од Vladimir Zorba

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се обрати на денешната седница во Собранието на Република Северна Македонија по предлогот за именување нови заменици на министри.

Премиерот Ковачевски рече дека сите чекори што ги прават тој и Владата се и ќе бидат во функција на напредокот на државата и на добрата иднина на граѓаните и апелираше на совесно носење зрели одлуки во Парламентот, во насока на европските перспективи.

„Парламентарните дебати се одраз на демократските капацитети на една држава, но се корисни посебно кога родната земја ги има шансите за напредок. Пред нас се шанси за напредок, што значи пресвртница за натамошниот развој на државата и за квалитетот на живот на граѓаните – дома.

Затоа, оваа, повеќедневна дебата, е добра можност граѓаните да видат, но и секој да се преиспита – што застапува.

Дали застапува стабилност на државата, извесност во економијата и во животниот стандард на граѓаните, безбедност – или, нестабилност на земјата, непредвидливост, неред?!

Европски стандарди – или беззаконие?!

Меѓународно изолирана држава – или европски интегрирана Република Северна Македонија?!

Во Република Северна Македонија, којашто чекори стабилно по европскиот пат, до конечната цел, полноправно членство во Европската Унија – што è можно да се случи до 2030 година, може да има:

-уште поголеми плати и пензии на граѓаните;

-уште повеќе инвеститори од Европа и САД, со коишто од Северна Македонија создаваме Зелен Енергетски Центар на Европа;

-уште повеќе нови работни места;

-институции што работат по европски правила;

-ред и поредок во којшто нема недопирливи;

-европски партнери и споделена солидарност во справувањето со сите предизвици.

Во европски определена Северна Македонија, на сето ова веќе работи проевропската Влада на Република Северна Македонија.

Но, дојден е момент кога својата проевропска ориентација треба да ја покажат сите институции во државата, а во преден план тоа е – овој Парламент“, вели Ковачевски.

Слични содржини