Ковачевски: Имаме план и стратегија која очигледно дава резултат

од Nikola Popovski

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, денеска по завршувањето на 57-та владина седница се обрати од медија-центарот на Владата, во однос на официјалниот француски предлог, кој денеска пристигна во МНР.

„Би сакал и официјално да ве информирам дека денес во Владата односно во МНР е стигнат предлог од француското претседателство кое се однесува на нашите јасни позиции и ставови во однос на спорот со Република Бугарија.

Предлогот е стигнат по нашата интервенција во Брисел и нашата реакција на драфт документите кои јавноста имаше прилика да ги издискутира минатата недела.

Официјалните ставови ќе бидат соопштени откако предлогот ќе ги помине филтрите на сите засегнати институции. Ќе следи широк консултативен процес со владината коалиција, а потоа и со Претседателот на државата, со Парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор, експертската и севкупна јавност во земјата.

Сакам да повторам и да ги уверам граѓаните дека ние имаме план и стратегија која очигледно дава резултат. Затоа апелирам до сите политички актери и до медиумите да се воздржат од шпекулации и да се потпираат на официјалните информации од институциите.

Процесот ќе биде транспарентен и ние ќе споделиме со јавноста релевантни детали по што ќе може да се донесе финалната одлука. Како што ветивме, одлуката за нашата иднина ќе ја донесеме заеднички, мериторно, согласно стратешките интереси на земјата и на сите нејзини граѓани. Сакам да упатам јавна благодарност до сите кои беа конструктивно вклучени во процесот до сега“, рече Ковачевски на прес-конференцијата.

Слични содржини