Ковачевски: Владата има полн легитимитет и мандат, посветена е на решавање на проблемите

од Берта Китинска

Премиерот Димитар Ковачевски уште еднаш порача дека нема потреба од предвремени парламентарни избори и дека тие ќе се одржат во редовниот термин во 2024 година.

„Јас веќе кажав дека избори ќе има во 2024 година, прво претседателски па парламентарни избори во својот редовен термин. Доста беа времињата кога во државата се правеа избори на само две години, кога економијата стоеше и кога единствено нешто што правеше владејачката партија, беше мерење на својот рејтинг и одење на избори и на крајот видовме како заврши целиот тој процес. Владата има полн легитимитет и мандат, посветена е на решавање на проблемите и справување со предизвиците пред граѓаните и државата“ рече Ковачевски во гостувањето во Дневникот на ТВ Сител.

Околу барањето на ВМРО-ДПМНЕ за лидерска средба на која би се разговарало и за предвремени избори, премиерот рече дека лидерска ќе има за сите важни стратешки прашање како што е на пример постигнување договор за спорот со Бугарија.

„За сите крупни стратешки одлуки, штом ќе има документи за кои ќе може да се разговара, нормално ќе се разговара на лидерско ниво, впрочем еден таков предизвик е на пример проблемот кој го имаме со Република Бугарија и решение кое треба да се постигне. Јас кажав дека кога ќе се дојде до фаза на документ кој е прифатлив за двете страни дека тој ќе биде споделен нормално низ институциите, но и на лидерско ниво бидејќи тоа решение ќе значи решение со кое нашата држава ќе потпише договор или одреден протокол со Република Бугарија. Нормално е за едно такво стратешко прашање кое ќе означува финален чекор кон отпочнување преговори со ЕУ да се разговара на такво ниво“, рече Ковачевски.

Слични содржини