Ковачевски-Маркуш: Силна поддршка од Словачка за евроинтеграциите

од Nikola Popovski

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се сретна со Хенрик Маркуш, амбасадор на Република Словачка во нашата држава.

На состанокот се поздравени усогласените политики на Република Северна Македонија, со политиките на ЕУ, во врска со ситуацијата во Украина.

Исто така, изразена е силна поддршка на интеграциите на нашата држава во ЕУ, што се оценува дека Република Северна Македонија, го заслужува.

Заеднички е оценето дека сите отворени билатерални прашања треба да се решаваат во европски дух и низ принципите на европските вредности.

Премиерот Ковачевски изрази благодарност за искреното пријателство и големата поддршка што ја добива Северна Македонија од Словачка.

„Ги решаваме предизвиците на домашен план предизвикани од светската криза. Во врска со односите со Република Бугарија, ги поставивме на дијалог базиран на меѓусебно почитување, со цел постигнување одржливи решенија на долг рок, што придонесуваат кон почитување меѓу политичарите, но и меѓу граѓаните на двете држави. Од големо значење е поддршката што ја добиваме од Словачка во нашите европски аспирации“, рече премиерот Ковачевски.

Во врска со ситуацијата во Украина, претседателот на Владата, Ковачевски, нагласи дека „го поддржуваме територијалниот интегритет и суверенитет на Украина и принципиелно објавивме дека ја дадовме помошта, што беше посочена како потребна“.

„Нашите политики и понатаму ќе бидат на линија на политиките на државите членки на НАТО и на ЕУ“, рече премиерот Ковачевски.

На состанокот е констатирано дека Северна Македонија и Словачка ги поврзуваат традиционално добри пријателски односи, како на политички, така и на културен план и е изразена подготвеност од двете страни за унапредување на билатералната соработка меѓу двете држави.

Слични содржини