Ковачевски најави средба со ЗНМ: „Новинарите ја имале и ја имаат мојата поддршка“

од Stefanija Kuzmanovska

Премиерот Димитар Ковачевски најавува средба со новинарските здруженија по завршување на постапката за реконструкција на Владата.

Тој денеска одговарајќи на новинарски прашања рече дека имал телефонски разговор со претседателот на ЗНМ на кој било договорено да одржат средба по завршување на реконструкцијата на Владата на која ќе се разговара за барањата на новинарите изнесени на неодамнешниот протестен марш.

„Новинарите ја имале и ја имаат мојата поддршка и тоа го знаат. Но, од друга страна и новинарите имаат обврска да ги информираат граѓаните. Сметам дека сите ние можеме и поединечно и заеднички да се унапредуваме, за да се унапредиме самите себе, да ги унапредиме институциите во кои работиме и на крајот на денот заеднички да ја унапредиме држава, бидејќи ова е држава која ќе стане членка на ЕУ и кога ќе стане земја членка на ЕУ ќе биде многу подобра земја од дел од државите кои веќе се членки на Унијата“, истакна Ковачевски во одговор на новинарско прашање по денешната презентација на новата инвестиција на германската компанија „Гересхајмер“ во ТИРЗ-2.

Оваа Влада заедно со новинарите, рече Ковачевски, ја врати Северна Македонија од заробена држава во друштво на земји во кои владее демократијата.

Слични содржини