Османи со бројни средби на маргините на Делфи форумот во Грција

од Маја Анчевска

На маргините на Делфи економскиот форум во Грција кој редовно се одржува и оваа година и во учество на над 800 учесници, министерот за надворешни работи Бујар Османи реализираше бројни средби со свои хомолози и познати личности од регионот и пошироко.

Со својот колега од Грција Никос Дендиас разговараше за европската перспектива на Република Северна Македонија и останатите земји од Западниот Балкан во контекст на војната во Украина и нејзиното пошироко влијание.

“Руската агресија на најтрагичен начин покажа колку е важно проширувањето на ЕУ за безбедноста, единството и демократската трансформација на континентот” подвлече Османи.

Од потпишувањето на Преспанскиот Договор, Грција стана стратешки партнер кој силно го подржува пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ, при што беше пренесено убедувањето дека таква поддршка нема да изостане и во наредниот период, кога очекуваме формален почеток на пристапните преговори.

Војната во Украина, регионалната динамика и влијанието на кризата врз евро-атлантските амбиции на земјите од Западен Балкан, беше тема на разговорите со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот помеѓу Косово и Србија Мирослав Лајчак. Османи ја повтори поддршката на Северна Македонија за дијалогот меѓу Косово и Србија, кое би имало суштинско позитивно влијание во подобрувањето на севкупните односи и соработка во регионот. Притоа тој го повтори ставот дека доволен е еден нерешен билатерален спор, со потенцијално значајни неизвесни импликации по целиот регион.

Министерот Османи оствари средба и со поранешниот премиер и министер за надворешни работи на Шведска, Карл Билд и други истакнати личности, учесници на Форумот.​

 

 

 

Слични содржини