Ковачевски на вечера со градоначалникот на Њујорк и премиерите на Албанија и Црна Гора

од Берта Китинска

Премиерот на С.Македонија, Димитар Ковачевски беше гостин на вечера приредена од семејството Руси од Њујорк, на која присуствуваа градоначалникот на Њујорк, Ерик Адамс, и премиерите на Албанија и Црна Гора, Еди Рама и Дритан Абазовиќ.

„Ние му должиме благодарност на домаќинот кој ни приреди одличен собир. Се радуваме на секоја успешна животна приказна на луѓето од нашето подрачје. Продолжуваме да ги зајакнуваме односите со намера да ја направиме горда нашата земја“, сподели Абазовиќ по повод организираната вечера.

Вчера во Њујорк Ковачевски присуствуваше и на работен ручек, организиран од потпретседателот на Европската Комисија, Жозеп Борел.

„Ја искористивме приликата за да ги разгледаме опциите за надминување на енергетската криза и за тоа како во време на криза оние на кои можеме да се потпреме се соседите. Развојот и напредокот на секоја од земјите од регионот е тесно поврзан, затоа е и исклучително важно да сме заеднички посветени на истата цел.
Нашите напори да се справиме со кризата заеднички се континуирани, и верувам дека со земјите од регионот ќе обезбедиме поддршка за да ја пребродиме една од најтешките зими која нѐ очекува“, сподели Ковачевски.

Слични содржини