Ковачевски: Отворени се вратите за сите партии кои сакаат да се придружат на европската коалиција

од Stefanija Kuzmanovska

Политичка коалиција која дели исти вредности, не функционира врз база на убедување, туку врз база на вредности и на програми. За политичките партии кои сакаат да се придружат на европска коалиција, како што кажаа и другите лидери, вратите се отворени. Но, не се работи за убедување, туку за разговор базиран на принципи и вредности, рече премиерот Димитар Ковачевски.

– Јас имам редовни состаноци со сите коалициски партнери. Пред два дена имав со парламентарните партии, а во текот на наредните неколку дена ќе имам и со вонпарламентарните партии, кои се дел од нашата коалиција. На состанокот разговараме за сработеното во 2022 година, плановите за оваа година, како и принципите за придружување на нови партнери во Владата. Доколку врз основа на тие принципи и вредности има политички партии кои сакаат да се придружат на оваа европска коалиција, тогаш вратите се отворени, рече премиерот по посетата на Универзитетот „Гоце Делчев” во Штип, во одговор на новинарско прашање.

Прашан околу уставните измени, премиерот уште еднаш повтори дека тие се една од одлуките кои државата треба да ги донесе на патот до полноправното членство во Европската Унија.

Тој додаде дека обврска на сите пратеници во Собранието е да го поддржат и да не го стопираат патот на пристапувањето кон Европската Унија, бидејќи тоа значи градење на попросперитетна и поразвиена држава. Тоа, како што рече, не е процес на еден ден и не е процес што се повторува.

– Процесот на пристапување на ЕУ е единствен процес и се прави еднаш. Еднаш се влегува во ЕУ. Ова не е процес на еден човек, ниту процес на една политичка партија, ниту процес на една влада. Тоа е широк општествен и политички процес кој бара консензус, рече Ковачевски.

Слични содржини