Ковачевски: Расте цената на тутунот, откупот стартува со над 30% повисока цена

од Nikola Popovski

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачески, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, денеска во Прилеп имаа средба со дел од земјоделците производители на тутун и го посетија откупниот пункт за тутун во рамки на Тутунскиот комбинат во Прилеп. Согласно податоците од Државниот инспекторат за земјоделство, оваа година како што изјави премиерот Ковачевски, откупот на тутунот започнува со зголемена откупна цена над 30% споредено со минатата година. Пораст има и во делот на склучени договори за откуп и планирани количини за откуп на тутун.

„Годинава откупот на тутунот стартува со над 30% повисока цена споредено со лани. Односно откупната цена за килограм тутун е 261 денари, за разлика од лани кога била 200 денари за килограм. Ова се историски највисоки откупни цени за тутунот во последните 10 години! Ќе кажам еден податок што ја потврдува мојата констатација – а тоа е дека од 2014 година до денес откупната цена на тутунот е зголемена за 115,7 %.

Пораст има и кај бројот на склучени договори. За реколта 2022 година склучени се 29.653 договори што е за 7% повеќе од минатата година кога биле склучени 27.712 договори. Оваа година се очекува да се откупи околу 21.000 тони тутун што е за над 10 % повеќе од лани кога се откупиле 18.600 тутун. Имаме тутун со подобар квалитет во однос на минатата година“, вели премиерот.

Според Ковачевски, ваквите бројки се доказ дека мерките кои што оваа Влада ги презема за тутунопроизводството, даваат позитивни резултати.

-Тутунот е наша традиционална но и извозно ориентирана земјоделска гранка која носи годишен девизен прилив од над 120 милиони евра. Околу 20.000 семејства егзистираат од оваа гранка, и затоа секоја преземена мерка е во интерес на тутунопроизводителите, да имаат стабилно и одржливо производство.

За прв пат оваа Влада донесе нов модел за зголемени субвенции за тутунот според кој субвенцијата за прва класа е 80 денари за килограм, 70 денари за втора класа, и 60 денари за трета класа и дополнителните класи. Со тоа ги мотивиравме тутунарите да произведат повеќе и поквалитетен тутун, за да остварат повисока субвенција, укажа Ковачевски.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски рече дека откупот на тутунот тече во најдобар ред и дека оваа година е постигната рекордно највисока откупна цена на тутунот, 261 денари по килограм.

„Драго ми е што со гордост можам да кажам дека откупот на тутунот тече во најдобар ред, и дека оваа година постигнуваме рекордно највисока откупна цена на тутунот, 261 денари по килограм. Склучени се вкупно 29.653 договори за производство на тутун, што е за 7% повеќе од лани. Зголемување имаме и на површините за тутун за 15% споредбено со лани. Оваа година согласно договореното производство, очекуваме да се откупат 25.850 тони што претставува зголемување за околу 10 % во однос на реализираниот откуп минатата реколта. Оваа година за прв пат се доделени договори на 29 корисници за набавка на модерна опрема за тутун, преку Програмата за рурален развој, Подмерка 121.7 „Набавка на опрема за производство на тутун“, со финансиска поддршка по корисник која изнесува 4,5 милиони денари. Ова е уште еден податок за нашиот сериозен пристап кон производството на тутун, имаме за прв пат реализација на подмерката насочена токму кон тутунопроизводителите. Токму сите овие факти се мотив да продолжиме да се грижиме за понатамошен развој на производството на тутун, заеднички да носиме одлуки и да сведочиме на ваков успех каков што имаме денес”, рече министерот Николовски.

Слични содржини