Ковачевски со балканските колеги на ручек со Борел: Ќе обезбедиме поддршка за да ја пребродиме една од најтешките зими

од Nikola Popovski

Премиерот Димитар Ковачевски вечерва информираше дека заедно со колегите од Балканот, денес во Њујорк присуствувале на работен ручек, организиран од потпретседателот на Европската Комисија, Жозеп Борел.

-Ја искористивме приликата за да ги разгледаме опциите за надминување на енергетската криза и за тоа како во време на криза оние на кои можеме да се потпреме се соседите. Развојот и напредокот на секоја од земјите од регионот е тесно поврзан, затоа е и исклучително важно да сме заеднички посветени на истата цел, наведе премиерот.

Ковачевски истакна дека нашите напори да се справиме со кризата заеднички се континуирани и премиерот верува дека со земјите од регионот ќе обезбедиме поддршка за да ја пребродиме една од најтешките зими која нѐ очекува.

Ковачевски, кој предводи Владина делегација во Њујорк, денеска присуствуваше на отворањето на 77-то Генерално собрание на Обединетите нации.

Владината делегација ја сочинуваат министерот за надворешни работи Бујар Османи, постојаниот претставник на Република Северна Македонија при Обединетите нации во Њујорк, Љубомир Фрчковски, Едмонд Адеми, советник за надворешни работи на претседателот на Владата на Република Северна Македонија.

Слични содржини