Ковачевски: Со субвенционирање на цената на струјата го намалуваме трошокот на граѓаните за пет пати

од Берта Китинска

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски во одговор на пратеничко прашање за енергетската криза истакна дека државата обезбедува субвенционирана цена на електричната енергија со што го намалува трошокот на граѓаните за пет пати. Исто така, премиерот посочи дека се водат интензивни преговори со странство да се обезбеди електрична енергија по пониски цени од берзанските.

„Со Србија постои можност, меѓутоа не 100% можност заради тоа што мора да биде реализирана низ мултилатерални договори бидејќи ние имаме когенеративна централа во приватна сопственост не во државна на територијата на државата. Доколку Србија успее да обезбеди поевтин гас тој гас би се донел и доколку успеат да го донесат до Северна Македонија со оглед на тоа дека интерконекторот на Жидилово е закупен на долгорочен договор од страна на ГАСПРОМ. Тој не е во сопственост ниту на Република Северна Македонија, ниту на Бугарија, ниту на Србија, туку на ГАСПРОМ Русија. Само тие можат да дадат дозвола каков и колку гас поминува низ гасоводот. Доколку се успее да се направи тоа значи дека поевтина цена на гас ќе произведе поевтина цена на електрична енергија која нормално дека ќе биде размената”, рече Ковачевски.

Премиерот посочи дека во Република Северна Македонија согласно закон постои регулиран пазар за електрична енергија и постои либерализиран пазар на електрична енергија. На регулираниот пазар се сите домаќинства и сите мали потрошувачи, над 70.000 компании.

„Она што ние дополнително го направивме е на регулираниот пазар, а да не се случи дисбаланс да бидат ставени основните и средните училишта а здравствените центри да бидат ставени кај ЕСМ продажба за да добијат цена на електрична енергија која што не е на краен снабдувач, односно што е помала од она што би го плаќале доколку немаат снабдувач”, рече Ковачевски.

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски во врска со понудените контакти од страна на Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицковски за обезбедување на евтина електрична енергија повика тие да се достават во Министерството за економија за да се разгледаат понудите.

„Таму има комисии, не ги гледа еден човек, какви се условите за испорака, која е според меѓународните стандарди точката на преземање, кои се цените, диспозитетот ако се работи за мазут итн итн. Доколку е најдобра понуда нормално е дека таа понуда ќе биде прифатена”, рече Ковачевски.

За справувањето со енергетската криза премиерот рече дека во изминатиот период реализирани се состаноци и во Софија, и во Белград и во Грција. На овие состаноци е договорено да нема забрана за увоз на енергенси од Грција, бидејќи Грција можеше да се случи да забрани извоз на лигнит, на јаглен и мазут бидејќи ги користи за производство на сопствена електрична енергија. Од страна на Бугарија постои волја од нивните вишоци произведени во нуклераната централа дел да бидат испорачани преку директен договор на Република Северна Македонија. Но, заради тоа што Бугарија има законска обврска согласно својот закон сите вишоци да ги продава преку берза, а цената на бугарската берза е повисока и од КУПЕКС берзата, тие мора да имаат законска измена а немаат парламент во моментов со која што ќе овозможат директен договор за продажба на базна електрична енергија и дополнително одобрување од ЕУ бидејќи Бугарија е земја членка на ЕУ.

Дополнително посочи премиерот дека се разговара со државната енергетска компанија на Турција исто така каде што бараме базна енергија и преговорите ги води Министерството за економија и за што исто така е информиран во детали претседателот на Стопанските комори на Македонија каде што се преговара за дупло поевтина електрична енергија од берзанската.

„Таму треба да се направи одобрување од турската Влада и обезбедување на прекугранични капацитети преку кои ќе дојде таа електрична енергија во Северна Македонија и компаниите за кои зборуваме во Северна Македонија да се обврзат дека таа електричната енергија ќе ја купат со оглед на тоа дека тоа ќе биде авансно платено од државата, а тие ќе мора да ја платат за да не остане непотрошена во системот.

Многу транспарентно, во детали со многу јасни бројки јас неколку пати го објаснувам ова. Она што е многу важно, секоја помош во овие услови е добредојдена, никој не одбива ништо и доколку навистина постојат такви контакти, тоа се адресите и ЕСМ и МЕ”, рече Ковачевски.

Слични содржини