Ковачевски: Средбата меѓу Гаши и Заев е пријателска

од Nikola Popovski

Како пријателска средба меѓу луѓе кои соработувале, во рамки на владата ја оцени премиерот Димитар Ковачевски средбата меѓу неговиот претходник Зоран Заев и претседателот на Алтернатива, Африм Гаши.

– Тоа е пријателска средба на луѓе кои соработувале како дел од Владата и нормално е луѓе кои се пријатели меѓу себе да имаат средби. Тоа е исто како што јас сум имал средби кога не сум бил премиер, како што имам средби сега додека сум премиер и како што ќе имам средби понатаму во мојата кариера, изјави денеска Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање по завршувањето на седница на Економско-социјалниот совет.

Гаши викендов со објава на Фејсбук ја потврди информацијата за неговата средба со поранешниот премиер и екс лидер на СДСМ Зоран Заев.

– Како лидер на Алтернатива, имам мандат и должност да се среќавам со сите политички актери во земјата. Така сум работел досега и така ќе работам и во иднина. Следствено, нема ништо посебно и мистериозно во мојата средба со поранешниот премиер Зоран Заев. Јас го разбирам интересот на медиумите за оваа средба, но мислам дека вистинското прашање не е кој, каде и зашто се среќава, туку зошто, по чиј налог и од каков страв ме следат службите СДСМ-ДУИ, наведе Гаши на неговиот Фејсбук статус.

Независниот пратеник и поранешен член на Алтернатива, Скендер Реџепи – Зејд, претходно на Фејсбук објави фотографија од средба на Заев и Гаши во Струмица.

Реџепи стана независен пратеник откако во јуни минатата година ја напушти пратеничката група на Алтернатива, партија што до скоро беше владин коалициски партнер на СДСМ.

Алтернатива ја напушти Владата, откако Алијансата за Албанците со реконструкцијата стана нов владин коалициски партнер.

Слични содржини