Ковачевски: Вложуваме над една милијарда денари за капитални проекти во образованието во 2022 година

од Берта Китинска

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, во придружба на министерот за образование и наука Јетон Шаќири, денеска ја посетија гимназијата „Мирче Ацев” во Прилеп.

Пречекан од домаќините директорот на гимназија „Мирче Ацев”, Димче Настоски, градоначалникот на Општина Прилеп, Борче Јовески, претседавачот на Советот на Oпштината Дејан Проданоски, како и на претставници на наставничкиот совет, ученичкиот парламент и родителскиот совет, премиерот Ковачевски и министерот Шаќири направија увид во резултатите од капиталните инвестиции на Владата од изминативе години.

Со оваа посета, пред стартот на второто полугодие, Ковачевски ја пушти во употреба реконструираната гимназија „Мирче Ацев”, гордоста на образованието во Прилеп во која почетокот на наставата започнала на 1 февруари 1945 година, односно на утрешниот ден пред 77 години.

Директорот на гимназијата Настески ги информираше присутните, дека посетата на премиерот Ковачевски е прва посета на премиер во 80 години постоење на средното училиште.

Денес зградата на гимназијата е целосно реконструирана и енергетски ефикасна со четири нови простории, а изведени се и сите потребни услови за учениците со попреченост, а преку проект од Министерството за животна средина и просторно планирање обезбедена е нова котлара за самостојно затоплување на објектот.

„Со сите овие зафати, гимназијата „Мирче Ацев” станува современ образовен објект кој успешно ја продолжува традицијата на средното образование во Прилеп. Инвестициите во образовните објекти во Прилеп, како и во десетици објекти низ земјата, се реализирани со над една милијарда денари во 2021 година. Тоа се за два ипол пати повеќе средства од претходната 2020 година”, истакна Ковачевски во изјавата за медиумите за време на посетата на образовните институции во Прилеп.

Ковачевски додаде дека работите на реконструкцијата на гимназијата „Мирче Ацев”, како и училишната зграда „Кире Гавриловски – Јане” со спортската сала која е изградена за прв пат во овие 60 години, се извршени за време на првите бранови на пандемијата кога учениците мораа да посетуваат онлајн настава, за да се создадат подобри услови за образованието на учениците.

Тоа потврдува, рече премиерот Ковачевски, дека оваа Влада силно се заложи да обезбедува квалитетни услови за образование, но и енергетски ефикасни објекти кои штедат енергија и ја чуваат животната средина.

Со честитките за успешно реконструираните образовни објекти во Прилеп, премиерот Ковачевски им посака успех во реализацијата на наставната програма во второто полугодие од оваа учебна година и нагласи дека Владата и Министерството за образование и наука продолжуваат со ваквиот влог и во 2022 година за што исто така се обезбедени над една милијарда денари буџетски средства, како инвестиции во човечкиот капитал, во децата, во младите, во нашата сегашност и иднина.

Слични содржини