Ковачевски во супермаркет ги проверуваше цените на тестенините и млечните производи

од Nikola Popovski

Премиерот Димитар Ковачевски денеска во супермаркет во Скопје проверуваше дали се почитува одлуката на Владата за намалување на цените на тестенините за 15 отсто и млечните производи за 10 отсто.

По повод стапувањето во сила на одлуката на Владата за намалување и „замрзнување“ на цените на тие прехранбени производи, Ковачевски во супермаркетот во скопската населба Капиштец беше придружуван од министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Државната пазарна инспекција (ДПИ) Горан Трајковски.

„Денес сите можевме да се погрижиме производителите и трговците да го почитуваат замрзнувањето, односно намалувањето на цената на некои тестенини и млечни производи. Знаеме, а тоа го покажуваат и анализите, дека намалувањето на цената на овие производи значително ќе се одрази на џебот на граѓаните и ќе биде олеснување за семејниот буџет“, рече Ковачевски пред новинарите.

Директорот на ДПИ изјави дека од утринава на терен се над 160 пазарни инспектори низ државата и дека до пладне не се констатирани неправилности.

„Кон крајот на денот или утре ќе бидат објавени детални информации за можни прекршоци, а глобите за непочитување на решенијата се од 800 до 10.000 евра“, кажа Трајковски.

Министерот за економија, Крешник Бектеши кажа дека политиките и мерките кои што ги носи Министерството за економија и Владата ги даваат резултатите.

„Цените на основните прехранбени производи се намалуваат. Министерството за економија прави анализи на дневна основа и нема да  дозволиме никакво профитирање, а уште помалку кризата да биде врз грбот на граѓаните. Министерството за економија ќе подготви информација за секој производ и согласно тоа ќе се креираат нови мерки кои ќе следуваат најверојатно во април. Мерките ќе бидат насочени кон стопанството и граѓаните. Внимателно ги следиме сите случувања со движењето на цените на сите основни прехранбени производи. Ги повикувам коморите и компаниите да покажат општествена одговорност и самите да ги намалат цените на производите, со оглед на намалување на цените на суровините на светските берзи. Ако тие покажат дека се совесни и ги намалат сами цените, ние ќе излеземе со нови мерки за поддршка“, потенцираше Бектеши.

Одлуката на Владата предвидува од денеска до 31 мај цените на макароните и шпагетите да бидат „замрзнати“ на нивото на 1 март и намалени за 15 отсто.

„Замрзнати“ се и цените на трајното кравјо млеко со содржина на масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 отсто, кравјо бело и мешано бело сирење, кравјо сирење, кисело млеко, павлака и јогурт без додатоци на ниво од 1 март, со намалување од десет отсто.

Владата од 1-ви март веќе ја ограничи цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари и покрај противењето на големите индустриски пекари. Најавена е можност и за „замрзнување“ на цената на шеќерот, јајцата и оризот.

Слични содржини