Ковачки: Изразувам почит кон народот на Украина што не отстапува и си ја брани сопствената држава

од Vladimir Zorba

Лично изразувам почит кон народот на Украина што не отстапува и си ја брани сопствената држава дури и во услови на целосна воена надмоќ на Русија. Доколку може да се направи паралела, ова е слично на борбата на Давид со Голијат, вели во интервју за „Локално“ Драган Ковачки, поранешното воено лице и актуелен пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Без разлика на терминологијата која се употребува, ги оцени дејствијата на Русија како агресија, односно за напад со воени средства врз територијалниот интегритетет и суверенитет на една врз друга земја членка на Обединетите Нации.

За евентуален напад на Балтичките земји, дециден е дека такво нешто не е можно, бидејќи на тој начин Русија влегува во војна со НАТО.

– Доколку дојде до таква војна, верувајте дека нема да има победник, а губитник ќе биде целото човештво, истакнува Ковачки.

Тој смета дека со веќе апсолвирани ставови не се добива ништо, посочувајќи дека надлежните преку овој начин се обидуваат да ги сокријат својата неодговорност и неспособност во водењето на институциите.

-Министерката за одбрана најпрвин даде неумесна изјава дека АРМ генерирала сили, што подразбира дека следува воена операција. Тоа и хипотетички да е така, не смее предвреме да се каже во јавност. Во услови на ваква геополитичка затегнатост, треба да се внимава да не се даваат потпалувачки изјави и изјавите да одат во насока на смирување, објаснува Ковачки.

Веќе навлеговме во втората недела од руската, според едни „специјална операција“, според други инвазија, на Украина. Како го коментирате досегашниот тек на конфликтот и дали според вас се оди според „планот на Путин“ од воен аспект?

-Без разлика на терминологијата која се употребува, овде станува збор за агресија, односно за напад со воени средства врз територијалниот интегритетет и суверенитет на една врз друга земја членка на Обединетите Нации. Јасно е дека станува збор за прекршување на меѓународното право и на Повелбата на ОН. Лично изразувам почит кон народот на Украина што не отстапува и си ја брани сопствената држава дури и во услови на целосна воена надмоќ на Русија. Доколку може да се направи паралела, ова е слично на борбата на Давид со Голијат.

Од она што го гледате на теренот, колку Путин калкулира со своите напади и заземање на територија и дали можете да направите некаква парарела со тоа што се случуваше во Грузија, па и во Сирија?

-Во случај на воени дејствија, моќта на информацијата е да ја дуплира или триплира воената сила. Првата жртва во војна секогаш е вистината и тука не мислам само на информациите кои како лажни вести се шират преку социјални мрежи или на други начини, туку и на официјалните изјави од учесниците во воените дејствија.

Од медиумите разбравме дека шефот на државата, Стево Пендаровски, уште пред 4 месеци знаел дека Русија ќе ја нападне Украина. Ние како пратеници во македонското Собрание немаме никакви официјални информации за случувањата и развојот на настаните во Украина, односно претседателот си ја задржал таа информација за себе.Во отуство на кредибилни информации, ценам дека е непрофесионално да дадам коментар и оценка за тоа дали во овој момент се исполнети оперативните и тактичките цели на командантите на руската војска. Тоа е сепак воена операција која има свои фази. Но, времетраењето и целите на фазите може да ги знаат само тие што ја планирале операцијата.

Од Балтичките земји, кои се дел од НАТО и се блиску до „линијата на огнот“, се повеќе се слушаат гласови дека Алијаснсата нема да успее да ги одбрани, во случај рускиот претседател да „тргне по нив“. Сметате ли дека можен е напад на Русија кон НАТО земји?

-Не, лично не сметам дека Балтичките држави можат да бидат предмет на воена агресија, затоа што со таков напад Русија ризикува влез во војна со НАТО согласно член 5 од Договорот. Доколку дојде до таква војна, верувајте дека нема да има победник, а губитник ќе биде целото човештво.

Што е со европската безбедност во целина? Како треба да се организира таа по ваквата, за многумина европски политичари, ненадејна и несфатлива „воена операција“?

-Од војнички аспект гледано, лично не се согласувам дека оваа воена агресија дојде ненадејно.Мислам дека изјавите на поедини политичари-државници сепак одеа во насока на давање шанса и надеж за дипломатијата, односно се надеваа дека нема да го видат на дело тоа што го очекуваа и се претпоставуваше. Сепак, од официјални извори и на Руската Федерација и на НАТО, јасно беше кажано дека на границата со Украина, Русија веќе има распоредено борбени единици од сите видови (Авијација, Копнени сили и Морнарица) со над 100.000 војници. Значи, стануваше збор за фаза пред почеток на борбените дејствија.Што се однесува до Европската безбедност, таа е тесно поврзана со НАТО и тука мислам дека не треба да има дилеми.

Потегот на Путин се чини го „тресе“ и регионот, со оглед на се погласните барања на Косово за прием во НАТО, но и тврдата позиција и повиците на Додик за отцепување од БиХ. Следи ли турбулентен период за Балканот по случувањата во Украина и дали имаат „сметка“ сега Вучиќ и неговите партнери да преземат порадикални чекори?

-Сметам дека сите конфликти и недоразбирања мора да се решааваат во рамките на меѓународното право и во духот на взаемно разбирање и почит. Тоа се цивилизациски придобивки кои треба да се негуваат и унапредуваат. Балканот, вклучително и Македонија беа и сведоци и жртви на воени конфликти, и тука би сакал да демантирам одредени политичари кои го минимизираат страдањето на балканските народи, занемарувајќи дека и Балканот е дел од Европа и дека токму тука се водеа најкрвавите и најнехуманите борби на тлото на Европа после Втората светска војна.Мислам дека стотиците илјади загинати и раселени, разрушената инфраструктура и страдањата на балканските народи треба да ни бидат потсетување и да ни служат како предупредување за тоа што не смее повторно да се случи. Р. Србија е наш сосед, и со нив, исто како и со останатите соседи, треба да имаме братски однос, затоа што како што гледате, во случај на криза и потреба, соседот е тој што прв помага.Истото, за жал поради неспособноста и неодговорноста кон сопствените граѓани од страна на нашата Влада, веќе се покажа и со донацијата на вакцини, можноста за вакцинација на македонски граѓани во Србија, како и последната помош во 50.000 тони пченица и 25.000 тони пченка.

Македонија не е имуна на тоа што се случува недалеку од неа, како што изјави и актуелниот претседател на Собранието Џафери. Министерката Петровска веднаш застана на страната на нашите сојузници и понуди „воена помош“. Од ваше искуство, со што С.Македонија може да помогне во моментов на Украина?

-Неспорни се нашето место и определба. Но, со тоа што повеќе пати ќе се повторат веќе апсолвирани ставови мислам дека не се добива ништо, а се обидуваат да ги сокријат својата неодговорност и неспособност во водењето на институциите.

Министерката за одбрана најпрвин даде неумесна изјава дека АРМ генерирала сили, што подразбира дека следува воена операција. Тоа и хипотетички да е така, не смее предвреме да се каже во јавност.Во услови на ваква геополитичка затегнатост, треба да се внимава да не се даваат потпалувачки изјави и изјавите да одат во насока на смирување, посебно во услови кога имаме премногу домашни проблеми кои ги занемаруваат а се фокусираат на решавање на геополитички проблеми за кои ниту сме креатор ниту можеме да бидеме решение.Ја поздравувам одлуката за помош на Украина затоа што дури и никој тоа да не го направеше, тоа требаше ние да го направиме. Ние како држава имаме обврска затоа што во 2001 година, Украина беше државата која не стави забрана за извоз на оружје кон нашата земја и значително помогна во јакнењето на борбените капацитети на АРМ.

Од што најмногу во моментов, според вас, треба да стравува земјава, во контекст на случувањата во Украина? Како ја оценувате подготвеноста на АРМ да ја брани земјава и дали членството во НАТО (освен самото членство) ја подобри ситуацијата внатре во војската?

-Во овие услови Македонија има несреќа да ги има ДУИ и СДСМ да бидат апсолутна власт во државата. Македонија стравува токму од сопствената власт и тука мислам и на Владата и на Собранието и на Претседателот на државата. Ова го велам поради нивната аздисаност и незаинтересираност за решавање на проблемите, односно поради водењето на политика наречена купи ден-помини. Срамно е во овие услови, откако ја донесоа државата во 4 кризни состојби, воопшто да не се заинтересираат како да им се олесни животот на граѓаните. Не може во услови на криза, да ја игнорирате најголемата партија во Македонија со најголем број на пратеници и да не ги прифаќате мерките кои ги предлагаме.Неодговорно е во услови на инфлација од 6,7 проценти во јануари, да се отфрлат предлог-законите на ВМРО-ДПМНЕ за намалување на акцизите и даноците за основните животни намирници. Тоа се мерки со кои директно се влијае на стандардот на граѓаните.

Од друга страна, како власт, насилнички и неделовнички да се менуваат членови на комисија која треба да им обезбеди мирен и лагоден живот на ДУИ и СДСМ после извесниот пад од власт. Понатаму, ако Претседателот Пендаровски знаел уште од 5 ноември дека Русија ќе ја напднела Украина, се поставува прашањето: Што преземал во врска со таа информација, односно зошто после цели 4 месеци свика Совет за безбедност?

Исто како и за кризата со вакцините и со енергетската криза, така и во справувањето со последиците од новонастанатава состојба во Украина – ДОЦНИМЕ!И токму затоа кај народот се создава незадовлство и народот реагира секој на свој начин, па се создаваат редици пред бензински, се празнат полици со основни намирници, се организираат штрајкови итн…Затоа што никој повеќе не и’ верува на власта дека се е под контрола.Што се однесува до подготвеноста на АРМ, мислам дека тоа прашање е најдобро да се упати на актуеланта министерка за одбрана, бидејќи таа е од прва рака информирана за состојбите во АРМ. Од мој аспект, состојбата е опадната за цел 12 места од момент на доаѓање на СДСМ на власт во 2017 година. Сега сме рангирани на 134 место по воена моќ, што за мене како поранешно воено лице, а сега како претставник на народот во Законодавниот дом, е поразителен показател.

В.З.

Слични содржини