Ковакс испрати вакцини во БиХ, АстраЗенека пристигна во Сараево

од Nikola Popovski

Вечерва на меѓународниот аеродром во Сараево со лет од Истанбул беа испорачани 26.400 дози од вакцините на АстраЗенека, која Босна и Херцеговина ја купи во рамките на механизмот Ковакс.

Ова е втора испорака за БиХ преку механизмот Ковакс. Претходно денес, пристигнаа 23.400 дози вакцини Фајзер, набавени исто така преку овој механизам.

Министерството за цивилни работи на БиХ објави дека вакцините веднаш по пристигнувањето, се испратени до крајните корисници, надлежните органи во Федерацијата и Република Српска.

БиХ нарача 1.232.000 дози преку системот Ковакс, а видот на вакцината зависи од тоа кои вакцини ги има на располагање механизмот. Вкупно 49.800 вакцини пристигнаа денес во Босна.

Република Српска, Федерацијата БиХ и областа Брчко издвоија околу 13 милиони долари за набавка на вакцини преку механизмот Ковакс, а нарачаните количини се доволни за имунизација на околу 20 проценти од граѓаните.

Преку Европската унија се нарачани и 892.000 дози вакцини, а нивното пристигнување се очекува на почетокот на април.

Слични содржини