Крах или за корекција на пазарот на криптовалути?

од Vladimir Zorba

Основниот постулат на секој пазар на капитал е понудата и побарувачката, секако детермениран и од шпекулацијата. Паниката, особено при пробивање на психолошки граници како 50 000 или 40 000 долари за Биткоин се многу важни и силно влијаат на цената. Го напоменувам Биткоинот, бидејќи сите што го следат овој пазар знаат дека сите други поголеми криптовалути го следат падот или растот на Биткоинот, вели во разговор за „Локално“,адвокатот Душко Гошевски.

Според него довербата, во самата технологија, може да го врати и опорави Биткоинот по падот, а со тоа и другите криптовалути .

Мислам на довербата од инвеститорската јавност, бидејќи ( за жал ) веќе не зборуваме за револуционерните идеи на блокчеинот туку зборуваме за проценти, бројки и портфолија., вели Гошевски.

Последнава недела има огромен пад на цената на криптовалутите, дали е ова почеток на крајот? 

-Моменталната дилема на финансиските аналитичари ширум светот е следната : Дали се работи за крах или за корекција на пазарот на криптовалути.

За да ја анализираме оваа голема флуктуација на вредноста, мораме да направиме поширока опфат кој ќе ја опфати новата виртуелна реалност, но и постојните, традиционални пазарни принципи. Крипто-ревулоцијата замислена како децентрализирана напредна технологија базирана на идејата за економска слобода на поединецот се среќава со реалниот свет.

И што се случува во реалниот свет? Реален пазар базиран на пазарна психологија, каде што скоро се е сведено низ призмата на парите. Шпекулација, краткорочно тргување, паника и можност истовремено. Мислам дека идеолошки, доста промотори на оваа дигитална револуција се разочарани од пазарната паника, која не е ништо ново на пазарите на капитал.

Но, како и да е, мислам дека не можеме да зборуваме за некаков крај, бидејќи блокчеин технологијата ( на која се базирани криптовалутие) го издржа тестот на времето, се развива, напредува и на некој начин ја преобликува новата дигитална економија особено со ДеФи ( децентрализираните финансии) НФТ – токените, Интернетот, веб3 децентрализацијата и сличните иновации.

Што доведе до овој огромен пад? 

-Има многу анализи на оваа тема, но јас сметам дека основниот постулат на секој пазар на капитал е понудата и побарувачката, секако детермениран и од шпекулацијата. Паниката, особено при пробивање на психолошки граници како 50 000 или 40 000 долари за Биткоин се многу важни и силно влијаат на цената. Го напоменувам Биткоинот, бидејќи сите што го следат овој пазар знаат дека сите други поголеми криптовалути го следат падот или растот на Биткоинот.

Понатаму, освен традиционалниот шпекулативен принцип, силно влијаат и глобални случувања, како забраната за „рударење” во Кина или Русија, појавата на Омикрон, Украинската криза и сл. или најсвеж пример, на самиот почеток и најава на состанокот на управата за федерални резерви на САД ( ФЕД) за покачување на каматната стапка, цената на Биткоин се симна од 38 000 на под 36 000 долари за неколку часови.Тоа се големи осцилации за такви кратки периоди и внесуваат голема вознемиреност кај инвеститорите.

Исто така, поголеми играчи, инвестициски и хеџ фондови се повеќе навлегуваат на овој пазар, а бидејќи крипто пазарот покажа дека работи на традиционални пазарни принципи, на нив тој пазарен механизам им е добро познат. Тоа особено се забележува при шаренолика структура на инвестори, каде што освен сериозни играчи имате и приврзаници на технологија, гејмери,помали инвеститори, но и некои кои од спортска прогноза и лотарија се префрлиле на криптопазарот.

Кога можеме да очекуваме евентуално опоравање на пазарот, што ќе го детерминира тоа? 

-Секој производ којшто е на финансиски пазар се базира на доверба. Може да анализираме и наведеме многу компоненти кои можат да бидат значајни, но тоа ќе се само пропратни елеметни. Довербата, во овој случај во самата технологија, може да го врати и опорави Биткоинот, а со тоа и другите криптовалути .Да додадам,мислам на довербата од инвеститорската јавност, бидејќи ( за жал ) веќе не зборуваме за револуционерните идеи на блокчеинот туку зборуваме за проценти, бројки и портфолија.

Kaкo најавената инфлација на пазарот ќе делува на криптовалутите? Што можат да направат вложувачите на овие дигитални средства за да се заштитат од инфлација? 

-Во принцип Биткоинот беше промовиран како отпорен на инфлација, поради ограничениот број. Но, монетарниот пазар не функционира баш така,особено кога имате валута која е вреднувана со друга ФИАТ валута како доларот. Имаме ситуација каде што инфлацијата расте, а вредноста на криптовалутите опаѓа. Јас лично не сум убеден во инфлаторната проекција, дополнително што зголемување на вредноста на криптовалутите ќе влијае на зголемување на личниот имот на поединците кој дополнително може да ја подгрее инфлацијата. Во голема мера оваа инфлацијата е структурна, кусоци и тесни грла во синџирот на производство и е одраз на Пандемијата пред се. Живееме во свет во кој веќе не важат ( само ) старите правила на игра а новите правила сеуште нејасни и неизвесни.

Каде треба да биде проектиран системот на оданочување на криптовалутите кај нас?  

-Во нашата држава е израмнета даночната стапка за физички лица (10% на личен-персонален данок на доход ) и за правни лица (10% данок на добивка ). Се работи за релативно ниски каматни стапки, едни од најниските во Европа кои можат да привлечат и инвеститори на ова поле.

Инаку, во делот на оданочувањето на физичките лица, согласно член 58 од Законот за личен данок на доход предвидени се капитални добивки за оданочување на нематеријалниот имот, каде што влегуваат и криптовалутите. Самиот систем за пријавување и плаќање е доста солиден и функционален и од аспект на оданочувањето нема многу отворени прашања. Поважна е регулацијата со посебниот закон за криптовалути.

Какви ќе бидат бенефитите од легализацијата и во кои полиња најмногу ќе можеме да ги препознаеме позитивните ефекти? 

-Како што веќе напоменав, не се работи само за криптовалутите, туку за целата технологија на новата дигитална реалност/економија.

Најавите се дека наредната еволуција на интернетот, наречена веб3, ќе работи на децентрализирана инфраструктура, ќе се потпира на своите корисници, базирано на програмибилна блокчеин технологија! Исто како кај криптовалутите, ќе нема централизирани сервери кои го управуваат процесот, туку интернет сообраќајот ќе се одвива без цензура, базирано само врз постапките и изборот на корисниците.

Понатаму, метаверзумот или новите, таканаречени „незаменливи токени“. НФТ токените особено го привлекуваат вниманието на инвеститорската и финансиската јавност и се основа за развој на ДеФИ или „децентрализирани финансии“, слично на новата ВЕБ-3 генерација на интернетот.

Очекуваме оваа 2022 година да даде одговор на многу прашања поврзани со иднината на овој виртуелен финансиски свет што сѐ повеќе станува стандарден и меинстрим.

Нефаќање на приклучок на овие технологии ќе значи сериозно заостанување во развојот на новиот дигитален свет.И обратно. Развој на ова поле ќе креира амбиент на отворена можност за инвестиции кои носат и даночен, но и девизен прилив, намалување на дефицитот на трговската размена, плати и придонеси, зголемен економски развој.

Б.М.

Слични содржини