Краток тест DFSK Glory 580: Познато лице кое и натаму изненадува

од Vladimir Zorba

За прв пат претставен во 2016 година, Glory 580 веднаш се закити со неколку награди за најдобар SUV во Кина, а за помалку од две години, DFSK успеа да продаде повеќе од 400.000 примероци од својот нов модел со 7 седишта. Секако, како што може и да се очекува, на средина од неговиот животен век, кинескиот производител подготви освежување со цел да го задржи како конкурентен модел, особено на европскиот пазар, каде побарувачката е голема, а конкуренцијата огромна. Веќе е познато дека Glory 580 ги освои срцата на азиските критичари и потрошувачи, а истото продолжува да го прави и во Европа, додека во нашата земја, македонската јавност прилично добро го прифати.

Во пакување од 4.680 мм во должина, 1.845 мм ширина и 1.715 мм во висина, Glory 580 претставува голем и компакен SUV, кој со своето меѓуоскино растојание од 2.780 мм овозможува високо ниво на пространост и удобност во трите реда на седишта. Надворешниот дизајн е еден од главните фактори кои го прават овој SUV навистина привлечен. Прво што паѓа во очи во однос на претходниот модел се редизајнираните браници на предниот и задниот дел.

DFSK минимално ја промени и предната маска, а комплетниот впечаток е дека направија полн погодок. Со минимални корекции и унапредувања успеаја да го достигнат ултра модерниот дизајн со кој се карактеризира моделот, кој пак е одлично надополнет со текот на LED лентата имплементирана во светлосните уреди, која ја носи функцијата на дневно светло. На задната страна се чувствува присуството на европскиот стил, каде впечатокот за луксуз произлегува од хромираниот слој поставен на задната врата кој пак ги поврзува задните светла.

Луксуз и комфор во ентериерот

Тест DFSK Glory 580 FI

Во внатрешноста ќе бидете пречекани од полу-кожни седишта со странична потпора, која помага во одржување на позицијата на телото при упраување во остри свиоци. Она што може да се забележи е напорот да се одржи минималистичкиот изглед, постигнат со поставување на само неколку команди за регулирање на клима уредот. Во средината на конзолата, поставен е новиот 10-инчен екран кој пристигнува и со нови апликации, како и со можност за поврзување на интернет, кој гарантира задоволување на потребите за забава и навигација во текот на возењето. Овој екран исто така се користи и за прикажување на погледот од задната камера на автомобилот.

Управувачот е во мултифункционално издание, обложено со кожа, кое одлично се вклопува во внатрешниот стил на автомобилот. Инструмент таблата е во аналогна форма, додека меѓу двата инструменти се наоѓа мал екран на кој се прикажуваат најпотребните информации за возилото, како просечната потрошувачка на гориво, изминатиот пат, притисокот на воздухот во пневматиците и друго.

Со оглед на пакувањето, односно димензиите и меѓуоскиното растојание на Glory 580, просторот кај задната клупа е и повеќе од доволен за да обезбеди удобно патување на три патника. Она со што се издвојува во внатрешноста е присуството на третата клупа, која нуди дополнителни две седишта. Ова го прави одличен избор на SUV со седум седишта, кој овозможува флексибилност, удобност, модерни карактеристики и перформанси во кабината.

Енергичен погон и напредна технологија

Што се однесува до погонскиот агрегат, Glory 580 на македонскиот пазар е достапен само со 1,5 литарскиот турбо бензински мотор, кој испорачува моќност од 146 коњски сили и вртежен момент од 220 Nm. Моќноста се испраќа до тркалата преку шестстепениот мануелен менувач, а се нуди и со автоматик кој е многу добар во преносите. Понудените перформанси се сосем доволни за придвижување на еден ваков SUV модел, каде турбо полначот беспрекорно си ја врши својата работа. Удобноста е помеѓу водечките адути на овој модел, што е особено изразена при движење по патни нерамнини. Лулањето не е идеално во секоја прилика по кривулест пат, но сепак треба да се земе предвид дека се работи за голем SUV модел, кој не е наменет за вакви задачи.

Балансот помеѓу пространоста и моќноста е главен адут на Glory 580, кој исто така може да се пофали и со високото ниво на удобност кое е дополнето со исклучително поволна цена што треба да овозможи пристап до поголем круг на потрошувачи.

Цената на тестираниот примерок изнесува 14.990 евра.

Технички податоци за DFSK Glory 580 FI 

Работна зафатнина 1.499 см3
Максимална моќ 146 KС (107 kW) при 5.600 min/-1
Максимална брзина 180 км/ч
Забрзување 0-100 км/ч 12,8 секунди
Декларирана просечна потрошувачка 9.7 литри/100 km
Емисија на CO2 222 гр/км

Повеќе информации во ABC Brother или на тел. (02) 2617 191.

Слични содржини