Креативни тури за деца низ Кратовската околина

од desk4

  „Дестинација -креација” е насловот на серијалот креативни тури низ Кратово и околината, атрактивните културно-историски знаменитости и атракции на овој крај кои на почетокот на август ќе ги реализира Буден театар, за дечиња над седумгодишна возраст од Кратово, Куклица и Злетово.

– Креативните четиричасовни тури ќе бидат спроведени од 4 до 8 август, а повикот за резервација на места во автобусот на „Дестинација-креација ” е отворен. Планирани се еднодневни активни тури во кои преку креативни активности дечињата ќе имаат можност одново да ги откријат местата од својата околина низ: истражување на природните убавини и атракции во Кратово и околината, и нивно преоосмислување преку стимулативни игри и креација, дружба со обучени и искусни уметници и фасилитатори. Турите ќе бидат снимани и продуцирани во вид на културно-едукативни серијали за деца, информираат од „Буден театар”.

Заинтересираните може да се пријават на следниот меил: [email protected] со назнака „Креативно Кратово”, а бројот на деца е ограничен на 20 во една тура. Пријавувањето може да биде за една или повеќе тури, а предност ќе имаат пријавените за сите пет дена.

Креативните тури се продолжение на активностите кои преку проектот „Триаголници на соработка” Буден театар ги спроведува во Преспа и Кратово. Досега се спроведени обуки за реализација на креативни програми за деца, реализирани 42 креативни работилници за деца и прикажани се шест гостувања на претстави на Буден театар.

Проектот е поддржан од Швајцарска амбасада во Скопје, а локални партнери се општините Кратово, Ресен и Пробиштип, Музејот на град Кратово, Домовите на култура во Кратово и Ресен, основните училишта во селата: Крилатица, Злетово, Крани и Подмочани, како и граѓанските организации Акција Плус – Ресен, Изида – Ресен, и Регионален центар за одржлив развој.

„Буден тетатар” од Скопје е независен театарски колектив кој се залага за развој на локалната културна сцена преку продукција на театарски претстави, креативни работилници за деца, едукација за професионална надоградба, проекти насочени кон локален развој. Основач е на „Фенер” – Меѓународен фестивал на детски театар.

Слични содржини