Кредибилитетот на ЕУ на тест: санкции или блеф?

од Љубиша Владимиров
73 прегледи

Европа ѝ се заканува на Русија со нови санкции ако не се постигне примирје, но се соочува со сериозни пречки

Европските лидери се заканија со нови, построги санкции против Русија, доколку претседателот Владимир Путин не прифати 30-дневен прекин на огнот во Украина. Но, според дипломатски извори, овие закани без поддршка од САД, нивниот ефект може да биде ограничен.

Повик од Киев, отпор од Москва

Во саботата, лидерите на Велика Британија, Франција, Германија и Полска од Киев порачаа дека Русија ќе се соочи со „тешки последици“ ако не се согласи на примирје во следните неколку дена. Наместо тоа, рускиот претседател Путин побара директни преговори со Украина во Истанбул на 15 мај — повик што доби поддршка од американскиот претседател Доналд Трамп, со што се намали силата на заедничкиот европски став.

Мерц со ново предупредување

Германскиот канцелар Фридрих Мерц денес повторно ја испрати пораката до Москва, велејќи: „Ако неделава не видиме реален напредок, ќе побараме ново, значително заострување на санкциите“.

Тој најави дека новите мерки ќе ги таргетираат руските енергетски и финансиски пазари. Францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро, потврди дека Европската комисија веќе работи на конкретни предлози во тие области.

Проблемот се вика Унгарија

По 16 пакети санкции од почетокот на војната, станува сè потешко да се постигне согласност меѓу сите 27 земји членки на ЕУ. Унгарија, која има блиски односи со Русија, често ги блокира или ги ублажува санкциите. Дипломати коментираат дека само силен притисок од администрацијата на Трамп би можел да го промени ставот на Будимпешта, но засега таков сигнал нема. Некои европски земји сепак се координираат со Вашингтон за евентуални нови мерки, но не е јасно дали Трамп ќе се приклучи на тие иницијативи.

17-ти пакет санкции подготвен

Утре ЕУ треба да разговара за 17-тиот пакет санкции, кој е насочен пред сè кон таканаречената „руска флота во сенка“. Ќе има и посебни мерки за хемиско оружје, човекови права и руски хибридни закани. Овие мерки се полесни за усвојување, бидејќи посериозните санкции врз гасниот и нуклеарниот сектор често се блокираат.

Загрозен е кредибилитетот на ЕУ

Дипломати предупредуваат дека ако Европа не ги исполни своите закани, тоа може да го загрози нејзиниот кредибилитет.

„Поставување ултиматум без сила да го спроведеш не изгледа сериозно“, рече еден европски дипломат. Друг висок функционер додаде: „Постои реална опасност Русија да го сфати ова како блеф.“

Слични содржини