Руските власти најавија дека „неизбежно ќе одговорат“ на новите санкции воведени од Соединетите Американски држави и го повикаа на разговор американскиот амбасадор во Москва.

„Соединетите држави не се подготвени да ја прифатат објективната реалност на мултиполарен свет без американска хегемонија. Таквото агресивно однесување ќе добие силен одговор. Одговорот на санкциите е неизбежен“, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

Според неа, Вашингтон треба „да разбере дека цената на влошувањето на билатералните односи ќе мора да се плати“.

Захарова посочи дека американскиот амбасадор Џон Саливан е поканет во руското Министерство за надворешни работи на разговор.

„За време на неодамнешниот телефонски разговор со рускиот претседател, Џо Бајден изрази желба за нормализирање на руско-американските односи. Дејствата на неговата администрација сведочи за спротивното“, рече Захарова.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави денеска дека американските санкции не одат во прилог на организирање самит на претседателите на Русија и Соединетите држави, како што предлага Вашингтон.

Американската влада денес објави серија финансиски санкции против Русија и протерување на десет руски дипломати, како одговор на сајбер напади и руско мешање на претседателските избори во САД во 2020 година.

Слични содржини