Кремљ за Литвиненко: Одлуката на Европскиот суд за човекови права е неоснована

од Vladimir Zorba

Кремљ денеска оцени дека е неаргументирана одлуката на Европскиот суд за човекови права дека Русија е виновна за смртта на поранешниот соработник на Федералната служба за безбедност, Александар Литвиненко, бидејќи судот ги нема сите информации за тој случај.

„Тешко е Европскиот суд за човекови права да има какви било овластувања, технолошки можности да има информации за тоа“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, коментирајќи ја одлуката на судот во Стразбур.

На прашањето дали Кремљ е подготвен да се согласи со пресудата, тој рече дека „не е подготвен да ја почитува таквата одлука“.

Европскиот суд за човекови права денеска заклучи дека Русија е „одговорна“ за убиството на поранешниот шпион Литвиненко отруен со полониум-210 во Велика Британија во 2006 година.

Во соопштението, судот оцени дека постои „силна претпоставка“ дека сторителите на труењето, именувани за време на британската истрага, дејствувале како агенти за руската држава.

Судот, исто така, наведува дека Москва не дала „задоволителни и убедливи“ алтернативни објаснувања, ниту, пак, ги „оспорила заклучоците од британската јавна истрага“.

Русија беше осудена да плати 100.000 евра „морална отштета“ на вдовицата на Александар Литвиненко, што е доста висока сума за тој суд.

Слични содржини