Кремљ за Навални: Нешто што можеше да биде доказ за труење, беше изнесено од земјата

од Vladimir Zorba

Кремљ денеска објави дека шишето вода од хотелската соба на опозицискиот лидер Алексеј Навални, каде биле пронајдени траги од „новичок“, можело да биде доказ во случајот, но соработниците на Навални наместо тоа го извадиле од Русија.

Тимот на Алексеј Навални во четвртокот објави дека шише вода од хотелска соба во Томск, каде што престојувал Навални минатиот месец, е однесено во Германија и на него се пронајдени траги од отровот „новичок“.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека руските експерти не можат да го проучуваат шишето со вода и затоа Москва не може да го коментира случајот.

„Не можеме да го објасниме тоа, бидејќи, како што знаете, ова шише, доколку постоело, беше однесено во Германија или на друго место. Нешто што можеше да стане доказ за труење, за жал беше изнесено од земјата. Тоа покренува дополнително прашање – зошто?“, рече Песков.

„Има премногу апсурд во оваа приказна за да се земе некој збор здраво за готово“, додаде тој.

Русија вели дека и требаат повеќе докази пред да започне официјална кривична истрага за случајот „Навални“ и побара од Германија да и ги предаде медицинските податоци на Навални за анализа.

Сојузниците на Навални велат дека соодветната истрага за случајот ќе открие дека Кремљ, претседателот Владимир Путин и безбедносните служби на Русија се одговорни за труењето на опозицискиот политичар.

Кремљ ги нарече обвинувањата неосновани и рече дека нема смисла да се труе Навални, а потоа да му се дозволи да замине на лекување во друга земја каде што може да се откријат траги од труење.

На Навални му се слоши на летот од Сибир до Москва минатиот месец. Помина извесно време во сибирската болница, а потоа беше префрлен во Берлин на лекување по барање на неговото семејство.

Велика Британија во средата соопшти дека е скоро сигурно дека руските разузнавачи го нападнале Навални, еден од најжестоките критичари на Путин, и дека Русија мора да даде одговори на случајот затоа што употребата на хемиско оружје е неприфатлива.

Германија побара помош од Организацијата за забрана на хемиско оружје (ОПЦВ) во истрагата за наводното труење на Навални, соопшти во четвртокот хашката организација, додавајќи дека нејзините експерти „зеле биомедицински примероци од Навални за да ги анализираат“.

Слични содржини