Критики на сметка на австриската влада во врска со „картата на исламот“

од Stefanija Kuzmanovska

Австриската влада се најде на удар на критика поради својата нова „мапа на исламот“, која ги прикажува локациите на џамиите и здруженијата низ целата земја, пренесе АФП, додавајќи дека верските групи истакнуваат дека мапата ќе ги стигматизира муслиманите во земјата.

Претходно, министерката за интеграција Сузана Рааб објави веб-страница наречена „Национална карта на исламот“, на која се наведени имињата и локациите на повеќе од 600 џамии, здруженија и службени лица, како и нивните можни врски надвор од земјата.

Но, оваа интерактивна мапа, создадена со помош на Универзитетот во Виена и Центарот за документација на политичкиот ислам, вознемири многу австриски муслимани, а коалицискиот партнер на ОеВП, Зелената партија, исто така се дистанцираше од проектот.

Зелените: Не беше разговарано со нас

Во изјавата на Исламската верска заедница во Австрија (ИГГО) се вели дека проектот „претставува отворена намера на владата да ги обележи сите муслимани како потенцијална опасност“.

Портпаролката на „Зелените“ задолжена за интеграција, Фаика Ел-Нагаши, рече дека „ниту еден министер или претставник на „Зелените“ не бил дел од ова, со нив дури не било ни дискутирано“.

„Овој проект ги меша муслиманите и исламистите и е во целосна спротивност со тоа што треба да биде реална политика за интеграција“, додаде таа.

Од друга страна, Рааб тврди дека намерата на картата не е „да ги стави во сомнеж сите муслимани“, туку „да се бори против политичката идеологија, а не кон религијата“.

Австрискиот канцелар Себастијан Курц често го критикува, како што рече, „политичкиот ислам“, посочуваат од АФП.

„Расизмот против муслиманите расте“

„Замислете слична мапа направена од христијанство или јудаизмот“, рече Тарафа Баг Хаџати, шеф на муслиманска организација, додавајќи дека проектот ги изедначува религијата и тероризмот.

Тој посочува дека осум проценти од вкупното население во Австрија, кое брои 8,9 милиони, се состои од муслимани, кои одат во џамии и немаат никаква врска со вакви организации.

„Загрижувачки и разочарувачки е што владата прифаќа такви екстремно десничарски идеи“, додаде Баг Хаџати.

Од минатогодишниот напад во Виена, кога беа убиени четири лица, се повеќе има пријавено напади, физички и вербални, врз муслимани во Австрија.

Исламската заедница наведува дека „расизмот против муслиманите расте“.

Слични содржини