Кривична пријава против едно лице за учество во странска војска

од Stefanija Kuzmanovska

Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при МВР до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција вчера поднесе кривична пријава против едно лице од Скопје за „учество во странска војска, полиција паравоени или параполициски формации“.

– Сектор за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при ОСОСК на МВР, вчера (26.02.) до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поднесе кривична пријава против лицето А.Б. (20) од Скопје, за сторени кривично дело “учество во странска војска, полиција паравоени или параполициски формации“ предвидено и казниво по член 322 а, став 3 вв став 9 од Кривичниот законик.

Имено, пријавениот, како што посочуваат од МВР, со намера да замине за Сирија за да учествува во странска војска „Џабхат ал Нусра“ (прогласена за терористичка организација од страна на ООН во 2013 година), преку интернет апликации за комуникација остварил контакти со две лица државјани на Северна Македонија, од кои едниот се наоѓал во Сирија, а другиот повратник од Сирија. Од страна на овие лица, се наведува во соопштението, му била дадена гаранција (теские) за приклучување во наведената терористичка организација и договориле дека ќе го информираат за времето на тргнување и начинот на неговото пристигнување во Сирија.

– На 1 ноември 2019 година пријавениот со автобус ја напуштил територијата на Р. Северна Македонија преку граничниот премин “Богородица“, додека на 02.11.2019 година остварил влез во Р. Турција, од каде по создадени услови требало илегално да ја премине турско-сириската граница и да биде прифатен од страна на две непознати лица. На 06.11.2019 година при обид илегално да ја премине турско-сириската граница, А.Б. бил уапсен од страна на турските безбедносни органи, лишен од слобода и сместен во Центар за отстранување во Хатај, Р.Турција во близина на границата со Сирија, така што кривичното дело останало во обид, се вели во соопштението.

При неговото лишување од слобода, наведуваат од МВР, тој бил без документи за идентификација, лажно се претставил и кажал дека имал намера да патува во Алепо, Сирија.

Од МВР посочуваат дека по оставрена меѓународна полициска соработка и во соработка со Амбасадата на Република Северна Македонија во Анкара утврден е неговиот идентитет, издаден е патен лист и А.Б е депортиран на граничниот премин Меѓународен аеродром „Скопје“, каде е преземен и приведен во ПС за ОН Кисела Вода.

Оттаму соопштуваат дека вчера по издадена наредба од Судија за претходна постапка извршен е претрес во домот на А.Б., при што се пронајдени и одземени девет мобилни телефони, една СИМ картичка, две УСБ-а и еден преносен компјутер.

Слични содржини