Кривична пријава за девет лица кои тепаа и малтретираа дете во Кочани

од Берта Китинска

Вчера на социјалните мрежи се појави вознемирувачко видео од тепањето и малтретирањето на детето Ромче во Кочани.

На снимката се слуша како насилниците го прашуваат од каде е, кој му е дедо и бара, при тоа извршувајќи психичко и физичко насилство врз него.

Од министерството за внатрешни работи информираа дека во за овој случај ќе се поднесе кривична пријава за кривично дело „насилство врз дете”.

-Во врска со случајот со насилство врз дете во Кочани, за што постои и снимен материјал што се споделува на социјалните мрежи, ОВР Кочани во координација со ОЈО Кочани ќе поднесе кривична пријава за кривично дело „насилство врз дете”, а идентификувани се девет лица, со кои е извршен службен разговор и по документирање на случајот ќе биде поднесена кривична пријава, соопшти Министерството за внатрешни работи.

По преземени мерки утврдено е дека настанот се случил на 11.04.2021 околу 20 часот во Кочани. ОВР Кочани, стои во соопштението од МВР, презема мерки и за расчистување на останатите инциденти кои следеле во текот на вечерта. Во координација со ОЈО Кочани до сега се приведени А.Н. , Н.Н. и А.В., а извршен е службен разговор со 20 лица. По целосно расчистување и документирање на настаните ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Кривична пријава против непознат сторител поради малтретирање и претепување на малолетник во инцидентот од неделата вчерта кој се случи во кочанската населба Трајаново Трло во Кочани, најавија и од Здружението на правници Роми од Скопје.

Од Здружението посочуваат дека е документиран случајот со физичката пресметка во која 10-годишно дете од ромска националност било задржано и претепано од неколку повозрасни и непознати лица.

„Во јавноста дополнително излезе видео на кое се гледа како лица, на кои не може да им се утврди идентитетот, му нанесуваат тешки физички повреди на малолетник кој наводно влегол во двор од семејна куќа во обид да изврши кражба. Видеото е испратено и до Министерство за внатрешни работи. Здружението на правници Роми најостро ги осудува физичките напади врз малолетни лица мотивирани од предрасуди со етничка димензија, вклучително и овој случај каде жртва на насилство е дете на кое му е потребна итна психо-социјална поддршка и ресоцијализација заради нормално функционирање и правилен развој“, посочија во дописот од Здружението на правници Роми.

Слични содржини