Кривични за лица од Радовиш, потврдувале стаж врз нецелосни документи

од Nikola Popovski

ОВР Радовиш поднесе кривична пријава против Б.А.(64), М.Х. (55),Т.Л.(64), М.Ј.(60), сите од Радовиш, Д.С.(59) од с.Раклиш и С.П.(61) од с.Конче, за злоупотреба на службената положба и овластување и за употреба на исправа со невистинита содржина со тоа што се обиделе претходно вработени лица во ЗИК „Радовишко поле“ да вметнат во системот за пензиски стаж, со што би оствариле материјално обезбедување во вид на паричен надомест врз основа на Законот за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатијата во доминантна сопственост на државата.

Првопријавената Б.А., поранешен финансов директор на ЗИК „Радовишко поле“, неовластено ги употребила печатите од комбинатот, изготвувајќи М-4 обрасци и препис од платни списоци на претходно вработени лица во ЗИК „Радовишко поле“ Радовиш, кои подоцна ги доставувала до Фондот за ПИОМ, за остварување на право на материјално  обезбедување врз основа на Законот за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатијата во доминантна сопственост на државата. Второпријавениот М.Х., вработен во Фондот за ПИОМ, Деловница Радовиш, со овластување од директорот распореден на работно место раководител на Деловница Радовиш и третопријавениот Т.Л.  вработен во ФПИОМ Деловница Радовиш, на работно место референт по матична евиденција, ја искористиле својата службена положба и со пречекорување на границите на своето службено овластување постапиле спротивно на член 22 од Законот за матичната евиденција за осигурениците и корисниците на правата од пензиското и инвалидското осигурување.

Имено, тие доставениот стаж од страна на шесто, петто и четвртопријавените Д.С., С.П., М.Ј., како и за десет други лица од Радовиш, с.Конче, с.Ораовица, с.Тополница, радовишко, од Гевгелија, Струмица, го потврдиле врз основа на нецелосни изворни документации, како платни списоци, ЕВТ-2 картони, како и оригинален доказ за платен придонес (рекапитулар заведен во ЗПП), кои се изворни документации со кои е потребно да располага обврзникот или осигуреникот, со што постапиле спротивно на Законот за пензија.

Четвртопријавената М.Ј., петтопријавениот Д.С. и шестопријавената С.П., М-4 обрасците и преписот од платни списоци изготвени од страна на првопријавената Б.А. со невистинити содржини ги доставиле во ПИОМ – Деловница Радовиш, со намера истите да бидат внесени во системот за пензиски стаж, со што истите ќе го исполнат условот за материјално обезбедување во вид на паричен надомест.

Со горенаведените кривични дела, пријавените го оштетиле буџетот на Република Македонија за околу 228.300 денари.

 

Слични содржини