Кривичниот суд одбива да го врати Рашковски во „Шутка“

од Nikola Popovski

Основниот кривичен суд Скопје вчера одбил поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски од куќен притвор да биде вратен пак во истражниот затвор во Шутка. И понатаму ќе остане мерката домашен притвор и забрана за комуникација со останатите осомничени во неговиот случај.

Прво, барањето го одбил судија на претходна постапка, а потоа и тројца судии во кривичен совет од Судот до кој Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција поднело жалба.

Рашковски е осомничен дека како генерален секретар купил софтвер за автоматско казнување на сообраќајни прекршоци иако Министерството за внатрешни работи тоа не го побарало и не го користи софтверот.

Покрај оваа, обвинителството отвори уште една истрага за злоупотреба од ексгенералниот секретар на Владата, која се однесува на уште еден тендер за систем за биометриска идентификација. Обвинителството го осомничи Рашковски и за друга злоупотреба – дека му плаќал месечна сума од 80 000 денари барем на еден хонорарец, кој потоа бил задолжен да му враќа дел од таа сума.

Тој беше во Шутка месец и половина, а потоа со одлука на Апелација затворскиот му беше заменет со куќен притвор.

Слични содржини