Кривичното дело „демнење“ во вторник на собраниска седница

од desk4

 

Предлог на закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик кој за два дена ќе се најде на собраниска седница содржи и измени во однос на половиот напад и силувањето, со цел дефинирање на психичко насилство, инкриминирање на „демнењето“ и „половото вознемирување“ како нови кривични дела со одредби преку кои ќе бидат предвидени и санкции за сторителите, а истовремено ќе се обезбеди заштита за жртвите. Измените во овој правец се потенцијални измени, поттикнати од ратификацијата на Конвенција на Советот на Европа за борба против насилство врз жените и семејно насилство, таканаречена „Истанбулска конвенција“, во рамки на чие усогласување со домашното законодавство, годинава беше усвоен Законот за спречување и заштита против насилство врз жени и семејно насилство, кој со цел негова целосна имплементација, поттикна измени во многу закони, помеѓу кои и Кривичниот законик.

„Според новото предложено кривично дело „демнење“, тој што истрајно неовластено ќе следи, прогонува, или на друг начин се меша во личниот живот на друг, или со него воспоставува или настојува да воспостави од него несакан контакт со движење во просторот каде се наоѓа тоа лице, со злоупотреба на користење на личните податоци, со користење на средства за јавно информирање или други средства за комуникација, или на друг начин психички го злоупотребува, вознемирува или застрашува и со тоа ќе предизвика чувство на несигурност, вознемиреност или страв за неговата сигурност или сигурноста на нему блиско лице, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години“.

Во однос на „половото вознемирување“, тој што со вербално или физичко дејствие, кое има директно или индиректно, реално или симболично значење на наведување, непристојна понуда, намамување, изразување полова страст или друго дејствие кое јасно потсетува на полов однос или други со него изедначени полови дејствија, ќе вознемири лице кое му е подредено или спрема него се наоѓа во однос на зависност, друго лице на работа или на јавно место или лице што е ранливо поради возраст, болест, попреченост, зависност од дроги, бременост или тешки телесни или душевни пречки, и со тоа ќе го повреди неговото достоинство, предизвикувајќи чувство на непријатност, навреденост, понижување или страв, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.

Ваквите измени треба а дадат поголема заштита на жртвите, кои што ќе претрпат каков било вид на насилство, физичко, психичко, како и сексуално насилство. Сторителите се најчесто мажи, жртвите жени, а најзастапено е физичкото насилство

Според податоците од Министерството за внатрешни работи од 2018 до 2020 година биле пријавени 2.987 случаи на семејно насилство во кои имало 2.814 сторители мажи и 261 сторители жени.

Слични содржини