Кривокапиќ најави можна реконструкција на црногорската влада

од Stefanija Kuzmanovska

Премиерот на Црна Гора, Здравко Кривокапиќ, ја прифати можноста за разговори за реконструкција на црногорската Влада, формирана на 4 декември.

По дводневните разговори со лидерите на Демократскиот фронт (ДФ), Андрија Мандиќ и Милан Кнежевиќ, кои бараат реконструкција на владата, тој рече дека потврдиле дека се заинтересирани владата да преживее четири години.

„Како премиер, се согласив да разговарам за реконструкција на Владата во граници што се прифатливи, природни и кои можат да влијаат на Владата да биде поефикасна, да донесува побрзи одлуки, во соработка со Парламентот“, рече Кривокапиќ.

Тој рече дека културата на дијалог е мерка за демократија и дека почесто ќе се организираат состаноци што можат да бидат корисни и да даваат јасни пораки и сугестии.

На парламентарните избори на 30 август, на кои Демократската партија на социјалистите влезе во опозиција по 30 години, Кривокапиќ беше носител на листата околу ДФ, но во меѓувреме се дистанцираше од нив и им се приближи на демократите Алекса Бечиќ и на УРА на Дритан Абазовиќ.

ДФ е најголемиот критичар во парламентот на владата на Кривокапиќ, која се состои од 12 министри, во најголем дел непознати за црногорската јавност додека не беа назначени. Повеќето од нив се исто толку блиски до Српската православна црква како и самиот премиер.

На локалните избори во Никшиќ, премиерот поддржа коалиција околу демократите, во која учествуваа и група граѓани предводени од неговиот советник.

Слични содржини