Крстевска: Разликата меѓу нашата инфлација и ЕУ инфлацијата е одраз на домашни структурни фактори

од Vladimir Zorba

„Глобален шок ги погодува сите економии, но домашните структурни фактори во секоја од економиите диктираат за интензитетот на инфлацијата” потенцира главниот економист Крстевска, додавајќи „Увозната зависност и степенот на трговска отвореност на нашата економија е значајно поголем во споредба со Европската унија. Отвореноста и увозната зависност се одразуваат на увозот и неговата структурата, понатаму на структурата на потрошувачката и следствено на домашните цени. Овие структурни фактори во голема мера ја објаснуваат разликата меѓу домашната инфлација и инфлацијата во еврозоната”, истакна Анета Крстевска, главен економист на Народната банка, која ги презентираше најновите макроекономски проекции пред бизнис заедницата, на конференција „М6 Чекор Напред – Македонската економија во двоен шок – каде се движиме”.

Таа истакна дека продолжената ескалација на геополитичките тензии создадени со воената инвазија врз Украина, во услови кога се уште светот трпи последици од пандемијата, придонесоа кон влошување на глобалниот амбиент, неповолно делуваа на економските изгледи и создадоа дополнителни притисоци врз светските цени на основните производи. Централните банки ширум светот одговорија со затегнување на монетарната политика поради засилениот и подолготраен раст на инфлацијата во светски рамки, што се одразува на условите за финансирање.

„Глобалните движења се одразија и врз домашната економија, преку понизок раст споредено со априлските проекции. Инфлацијата за оваа година е ревидирана нагоре, со оглед на повисоките досегашни остварувања, но битно е да се нагласи дека следната година се очекува забавување на стапката на инфлација, која ќе изнесува 8–9 % во 2023 година, при постепено стивнување на ценовните притисоци од увозните цени, субвенционирање на цената на електричната енергија за прехранбената индустрија и затегнувањето на монетарните услови”. Крстевска потенцира дека инфлацијата согласно проекциите на Народната банка, ќе продолжи да се стабилизира, сведувајќи се на нивото од 2,4 % и 2% во 2024 и 2025 година.

Пред бизнис заедницата беа објаснети сите досега преземени мерки од страна на Народната банка во однос на инфлацијата, преку повеќе инструменти. Воедно, беше нагласено дека пристапот на постепено, но континуирано затегнување на монетарната политика, веќе дава ефекти на одредени пунктови, а се очекува ефектите да продолжат, во обем во кој тоа е можно при ваков тип на инфлација – инфлација на трошоци. „Народната банка е одлучна во справувањето со инфлацијата и инфлaциските притисоци, имајќи предвид дека ценовната стабилност е основен предуслов за економски раст” – заклучи Крстевска.

На одржаната конференција реализирана во рамки на проектот „М6 Чекор напред”, се дискутираше за краткорочните и среднорочните предизвици на македонската економија, од страна на претставници на институциите и на бизнис секторот.

Слични содржини