КСЗД: Мерко да им се извини на „питачите“ и „собирачите на железо“ на најмалку 3 јавни медиуми

од Nikola Popovski

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди вознемирување врз основа на раса, боја на кожа, национална и етничка припадност, припадност на маргинализирана група и имотен статус од страна на градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко кон група на граѓани. Според нив и претставката поднесена од Европскиот Центар за Правата на Ромите од Брисел, изјавата на Мерко со закани и најавена депортација на луѓе кои питачат на подрачјето на Струга е дискриминаторска и согласно Законот за локална самоуправа, градоначалникот нема овластувања да депортира и протерува граѓани.

-КСЗД побара одговор од страна на градоначалникот на општина Струга, Рамиз Мерко по претставката, на што тој одговори дека во неговата изјава нема дискриминација, а пораката за депортација според него е упатена до МВР, како орган надлежен за легитимирање и движење на лицата кои се дојдени во градот да питачат. Тој, во одговорот на претставката исто така се извини до сите страни кои се препознале во неговата изјава. Комисијата утврди вознемирување поради упатената изјава на градоначалникот за депортирање на граѓани со социјален статус: ,,питачи”, ,,собирачи на железо” и ,,досадни”. Имајќи во предвид дека функцијата градоначалник е јавна функција, неговите изјави допираат до голем број граѓани, вклучувајќи и граѓани кои се препознаат во намерата на градоначалникот што предизвикува дополнителна тежина на вознемиреност.

На градоначалникот Мерко му се препорачува да се извини во јавноста до граѓаните со наведениот социјален статус „питачи“ и „собирачи на железо“ во најмалку 3 јавни медиуми, велат од Комисијата.

Мерко изјави дека питачењето во Струга пред почетокот на летната сезона е голем проблем и најави дека питачите ќе се отстрануваат од улиците и ќе се враќаат во нивните места на живеење бидејќи доаѓаат од други градови и ја грдат сликата на Струга како туристички центар.

Слични содржини