Куба разви две вакцини против корона

од Vladimir Zorba

Куба ја започнува последната фаза на тестирање на две вакцини што ги има развиено против Ковид-19, кои покажале „силен имунолошки одговор“ во претходните фази на тестирање, пишува британски „Financial Times“, додавајќи дека вакцините Soberana 2 и Abdal, доколку се успешни, би можело да помогнат во зајакнувањето кубанската економија, погодена од криза, како и во борбата против пандемијата.

Едуардо Мартинез, претседател на државниот фармацевтски конгломерат BioCubaFarma, кој го надгледува развојот на вакцините, им изјави на новинарите во Хавана дека илјадници луѓе учествувале во претходните испитувања на вакцините Soberana 2 и Abdal, кои покажале „силен имунолошки одговор“ без сериозни несакани ефекти.

Soberana на шпански значи „суверена“, што ја истакнува пораката на комунистичката влада дека развојот на вакцината е симбол на гордост за земја која сè уште е под разорно американско ембарго, пишува FT, додавајќи дека кубанските државни медиуми покажале снимки од фабрики кои пуштаат илјадници дози на двете нови вакцини.

FT пишува дека и двете вакцини се конвенционална имунизација и содржат дел од шилестиот протеин на вирусот споен со молекуларниот носител за да стане стабилен, и дека две други кубански вакцини – вклучително и една што се користи како спреј за нос – се во рана фаза на тестирање .

Soberana 2 сега ќе биде тестирана на 44.000 Кубанци, како и илјадници луѓе во Иран и Венецуела, а потенцијално може да го вклучува и Мексико. Според кубанските власти, двете дози ќе се применуваат во период од две недели, а на вакцината не и треба посебно ладење.

Весникот наведува дека првичните резултати за вакцината Soberana 2 се очекуваат до мај, додека тестирањето на вакцината Abdal се очекува да започне подоцна во март.

BioKubaFarma објави дека, ако тестовите бидат успешни, ќе произведе 100 милиони дози до крајот на годината. На локалното население ќе му требаат 20-30 милиони, а остатокот ќе биде достапен за извоз, пишува FТ и ги цитира кубанските власти дека Куба ќе извезува вакцини против Ковид-19 по цена зголемена за мала маргина за поддршка на универзалниот бесплатен здравствен систем во земјата.

„Надвор од Куба, постои големо изненадување, па дури и скептицизам дека (постојат) четири вакцини во развој, но за секој што ги следи случувањата во Куба, има смисла“, рече Хелен Јафе, експерт за Куба на Универзитетот во Глазгов.

Островската држава има децениско искуство во биотехнологија и имунологија. Во 80-тите години на минатиот век, кубанскиот лидер Фидел Кастро ја започна индустријата за да се заобиколи американското ембарго. Оттогаш, кубанските лаборатории произведуваат нови лекови што се продаваат ширум светот, како што се првата вакцина против менингитис Б, интерферон и единствениот ефикасен препарат за сериозни чиреви на дијабетес, според FТ.

„Пандемијата ја погоди кубанската економија исто како и секоја друга“, рече европски пратеник. „Но, тоа исто така дава можност да ја приближиме Куба до меѓународната здравствена соработка. Кубанскиот систем е во бавен колапс, но кубанската биотехнолошка и фармацевтска истражувачка работа има што да понуди“, рече тој.

Иако Куба го привлече глобалното внимание со својата програма за испраќање илјадници здравствени работници да помогнат во борбата против пандемијата во 40 земји, помалку се знае за развојот на лекови за лекување на Ковид-19.

Куба произведува 13 лекови кои се користат за борба против болести, а половина од нив се кубански иновации, објави владата. Тука се вклучен два антиинфламаторни лекови, Itolizumab и JUSVINZA, за кои владата тврди дека имаат голема успешност во лекувањето на критично болни пациенти и кои биле испратени во Индија и други земји.

Иако Куба забележа нагло зголемување на бројот на лица заразени со вирусот, тие бројки остануваат ниски според меѓународните стандарди. Раниот третман на сомнителни случаи, ригорозното пребарување контакти и силниот локален систем на здравствена заштита ја намалија смртноста на 2,84 случаи на 100.000 жители, што е дел од просекот во Латинска Америка, според податоците на Универзитетот Џонс Хопкинс во САД.

Но, на Куба и требаат партнери ако сака да произведе големи количини на свои вакцини за извоз, велат дипломатите.

FТ цитира неименуван латиноамерикански амбасадор кој изјавил дека, според него, „вакцините се сигурни“, но дека Куба нема доволно производствен капацитет поради недостаток на ресурси и ќе мора да се сврти кон надворешниот свет, како Виетнам и Иран.

„Ако успее, развојот на вакцината во Куба ќе стане уште еден добро познат пример за историскиот придонес на малата островска држава во светските настани кои далеку ја надминуваат нејзината големина“, рече Питер Корнблух, аналитичар од Национална безбедносна архива, американска невладина истражувачка организација.

Слични содржини