Околу 3.000 културни работници од 120 институции ја добија мартовската плата согласно колективниот договор. Социјалниот дијалог со синдикатот ќе продолжи до изнаоѓање долгорочно решение за стабилност на културните институции – уверува Министерството за култура и туризам.
-Исплатата на платите за вработените во институциите од областа на културата во координација со Министерството за финансии е во тек и ќе заврши денеска. Истовремено, го потврдуваме ставот дека социјалниот дијалог со Синдикатот мора да продолжи, соопштија од ресорот.
По протестот, ова прашање се актуализираше и во Собранието. Премиерот Христијан Мицкоски рече дека и покрај тоа што колективниот договор во културата е со истечена важност и не добил согласност од тогашниот министер за финансии, сепак, платите се исплатени со зголемувањето.
Министерот Зоран Љутков ги отфрли шпекулациите дека платите не биле донесени поради неговото заминување на пат.
-Не е точно дека сме почнале да правиме посебни решенија, па не сме успеале да ги донесеме платите затоа што јас сум бил на пат. Јас бев во Македонија кога требаше да се решава овој проблем. Јас не сум како вас, да одам во Стразбур во време на најголемата несреќа што се случи во државата. Свесен сум дека не ги дадовме платите пред Велигден, но конечно го решивме проблемот. Конечно направивме пресметка, која што е достојна и која што е законска. Успеавме за неполн месец дена да се собереме, да направиме работна група и да направиме добра проценка како треба да изгледа овој колективен договор и исплатата на пари, со согласност од Министерство за финансии, конечно после четири години, додаде министерот во своето обраќање од собраниската говорница.
Од СДСМ бараат одговорност за еднонеделното доцнење на платите. Оттаму ја повикаа трудовата инспекција да изврши надзор.
Претходно, од СОНК го повикаа Љутков на средба за идните чекор за да не се случи штрајк на вработените.