Курти го одби последниот предлог на ЛДК, Мустафа не го смета за официјален став на ВВ

од Aleksandar Petrovski

Лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ) Албин Курти, кој се очекува да биде иден премиер на Косово откако неговата партија победи на парламентарните избори, ја одби денеска најновата понуда од лидерот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Иса Мустафа за формирање заедничка влада, јави дописникот на МИА од Приштина.

ЛДК вчера ја објави последната понуда до ВВ, со барање да ја преземе функцијата претседател на Собранието на Косово до изборот на претседател на Државата, што треба да се случи во април 2021 година, откако ќе му истече мандатот на актуелниот претседател Хашим Тачи.

Според барањето на ЛДК, кое денеска со писмо до партискиот лидер Мустафа го одби неговиот колега од ВВ Курти, ВВ треба да го повлече од функцијата собраниски спикер Глаук Коњуфца, кој беше именуван на таа позиција на конститутивната седница на Собранието на 27 декември, и на таа функција да се именува член од ЛДК. Кога ќе се избере претседателот на Републиката на предлог на ЛДК, собранискиот спикер повторно ќе биде вратен на ВВ, е условот што го постави партијата на Мустафа.

По добивањето на писмото од Курти, лидерот на ЛДК изјави дека тоа сепак не го смета за официјален договор од ВВ и дека неговата партија е и натаму заинтересирана за постигнување договор за заедничка влада.

– Писмото ќе го разгледаме. Не сметам дека е официјален одговор, се работи за писмо со квалификации кои не се многу официјални. Тоа што можам да го кажам е дека ние сме заинтересирани да го затвориме овој процес, да не продолжи веќе оваа агонија. Ќе се трудиме да работиме максимално и барам и ВВ да го даде својот придонес, им изјави Мустафа на новинарите пред партиското седиште во Приштина.

Изборите во Косово се одржаа на 6 октомври и од тогаш досега опозициските ВВ и ЛДК не успеваат да се договорат за формирање влада, поради несогласувања околу поделбата на функциите.

Слични содржини