Курти: Косово сака членство во НАТО

од Берта Китинска

Косовскиот премиер Албин Курти денеска во Брисел изјави дека Косово сака членство во воената алијанса НАТО.

„Имаме јасна визија. Сакаме членство во НАТО. Ова ќе ни овозможи да го обезбедиме она што мирните и демократски држави и нации го обезбедија и сè уште го обезбедуваат за нашата земја и граѓани. Во оваа смисла, членството во програмата на НАТО „Партнерство за Мирот би бил поддршка“, рече Курти по разговорот со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

На заедничката прес-конференција со Столтенберг, Курти изјави дека институциите и граѓаните на Косово имаат причина да бидат претпазливи поради, како што рече, „деструктивниот пристап на северниот сосед“ кон Косово и „регионот воопшто“, како дел на „рускиот план штетен за Европа и Балканот“.

Тој додаде дека Владата на Косово и тој како премиер се посветени на тоа политиката на Косово да биде целосно усогласена со НАТО и додаде дека Косово е подготвено да учествува во секој проект на НАТО во полн капацитет.

Курти се заблагодари на НАТО алијансата за досегашниот ангажман во Косово.

„Придонесот на НАТО во формирањето, развојот и професионалноста на Косовските безбедносни сили е примерен успех“, изјави Курти.

Тој додаде дека Косово е посветено на економскиот развој, благосостојбата на граѓаните, демократијата, човековите и малцинските права, безбедноста и безбедноста за сите, владеењето на правото и уставноста.

Слични содржини