Курти побара од Грција да го признае Косово

од Vladimir Zorba

Косовскиот премиер Албин Курти побара од шефот на грчката Канцеларија за врски со Косово, Хрисула Алифери, Грција „да се приклучи на блокот на земји што го признаа Косово“.

Курти разговараше со Алифери за продлабочување на меѓусебните односи и ја пофали посветеноста на Грција за членство на Косово во меѓународни организации, наведувајќи го за пример членството во Европската банка за обнова и развој, објави косовската влада, пренесува КоССев.

Алифери го информирал Курти за поканата на Грција испратена до косовскиот министер за надворешни работи да ја посети оваа земја.

Таа исто така потсети дека третиот економски форум меѓу Грција и Косово ќе се одржи следната недела.

Грција е една од петте членки на ЕУ кои не ја признаваат независноста на Косово, заедно со Словачка, Кипар, Романија и Шпанија.

Неодамна во медиумите се шпекулираше дека Грција може да го промени својот став кон Косово, за разлика од другите четири земји на ЕУ, а ваквите проценки ги дадоа експерти од меѓународната политика – Дејвид Филипс и Даниел Сервер.

„Грција многу веројатно ќе го признае Косово. Ѕидот создаден од фактот дека пет земји не го признаа Косово наскоро ќе започне да се распаѓа, кога Грција или некоја друга земја ќе одлучи да го признае Косово“, изјави Филипс за „РТВ Дукаѓини“.

Сепак, вчера пристигна одговорот на грчкиот амбасадор во Србија, Јоргос Џакофотакис, кој рече дека „во принцип, не ги коментираме мислењата на аналитичарите, а грчкиот став за непризнавање на Косово е добро познат и останува непроменет“, изјави службеникот за Танјуг.

Слични содржини